Меѓународна компанија која работи во делот на он-лајн тргување на светскиот девизен пазар од денеска е присутна во Македонија. Компанијата, која почнува со работа во Скопје, ќе ангажира стотина високообразовани млади лица.
Официјалниот старт на активностите во Македонија денеска ги означија премиерот Никола Груевски, министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф и Шејла Кампањано, претставник на меѓународната компанија.
„Веќе четврти ден по ред свечено одбележуваме нова инвестиција во Република Македонија. Ако во претходните три дена беа инвестицијата во велешка Порцеланка, германската Електро мехатроник систем со инвестиција во Скопје, германската Акомпласт со нивната инвестиција во Прилеп, денеска велиме добредојде и успешен почеток со работата на новата компанијата Икс Tрејд (МТС Трејдинг Солушнс) во Македонија“ рече Груевски.
Тој додаде дека оваа нова инвестиција е уште еден показател дека има резултат од напорите на Владата да донесе што е можно повеќе инвеститори и додаде дека остануваат фокусирани на нови инвестиции, нови работни места, раст на економијата, подобар стандард и поквалитетен живот за сите.
„Македонија има резултати какви што никогаш порано немала. Ние не планираме да отстапиме од овој пат, сосема напротив, планираме да нагазиме уште појако и со уште посилно темпо. Тој што може да не следи нека повели, тој што не знае нека гледа и нека учи како се работи за доброто на граѓаните“, истакна премиерот.
Тој рече дека во изминатите години во најголем дел имавме инвеститори од автомобилската индустрија, на која посебно се фокусирани, потоа инвеститори во делот на земјоделството, прехранбената индустрија, текстилната, преработувачката, енергетскиот сектор, здравството, туризмот, спортот, компаниите од ИТ секторот и повеќе други области и додаде дека така и ќе продолжат и во иднина.
Џери Наумоф истакна дека оваа инвестиција ќе помогне во намалување на невработеноста и задржување на високообразованата младина во земјата. Посочи дека вработените ќе добиваат обука и дека ќе бидат високо платени за сработеното.
Целата реализација на инвестицијата се одвива во период помалку од една година, а нивни клиент е „Кондево“, кој веќе инвестираше во Македонија.
Кампањано истакна дека за три месеци од регистрирање на фирмата веќе можат да кажат дека почнуваат со активностите во Македонија на 20 јануари. Од планираните 100, веќе се ангажирани 32 лица кои имаат поминато и обука. Посочи дека предвид биле земени и други можности за да ја реализираат својата инвестиција, но сметале дека Македонија е нивниот избор и дека е ова вистинско место каде компанијата ја нашла деловната можност. Компанијата ќе работи за пазарите на Франција, Англија, Словенија и Италија.
Меѓународната компанија работи на четири континенти и во поголем број држави со над 600 вработени. Нивната дејност се состои во онлајн поддршка на своите клиенти на финансиските пазари во целиот свет.