Подобрување на безбедноста на складот за оружје во Орман

Магацинскиот комплекс „Орман“ на Министерството за внатрешни работи од денеска е посигурно место за чување на оружјето и ги исполнува строгите безбедносни правила и норми пропишани во актите и правилниците на Обединетите Нации во поглед на објектите, околината, начинот на чување и складирање на оружјето и муницијата, како и начинот на физичко обезбедување на истите. Ова меѓу другото го истакна Државниот секретар Анастасија Илиеска на примопредавањето на реновираниот магацин на Министерството за внатрешни работи во Орман.

Надградбата на складот за оружје во Орман , во вредност од 270.000 евра, е поддржана преку Проектот на Европската Унија за поддршка на разоружувањето и активностите за контрола на оружјето во Југоисточна Европа SEESAC (EUSAC), како дел од првата компонента на проектот, зголемена безбедност на резервите преку подобрувања на инфраструктурата и подобрување на капацитетите. Во магацинот поставени се нови безбедносни врати, прозорци, ограда околу објектот, систем за видео надзор и контрола на пристапот, а надградени се и електричната инсталација и надворешното осветлување.

На церемонијата на примопредавањето, освен Државниот секретар во МВР Анастасија Илиеска, присуствуваше и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон како и Мартин Клауке, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.