Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Демократска Народна Република Кореја.
На свеченоста на предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г. Патрик Џон Рата, претседателот Иванов истакна дека повеќе од две децении двете земји развиваат односи во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и взаемното почитување и дека со заеднички ангажман во периодот што следи, со јакнење на политичкиот дијалог, со унапредување на правната рамка и со јакнење на економската соработка, ќе се придонесе кон нивно продлабочување во многу сфери од заеднички интерес.
Македонскиот претседател посочи дека иако двете земји географски се многу оддалечени, сепак заедничка нишка е значајниот број на државјани на Нов Зеланд со потекло од Република Македонија.
„Република Македонија е горда на нивниот придонес и на нивното учество во социјалниот и економскиот живот на Нов Зеланд и верувам дека нивната улога на мост меѓу двете земји ќе ни помогне во остварувањето на нашите заеднички цели”, порача претседателот Иванов.
Новоименуваниот амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија г. Патрик Џон Рата, истакна дека Нов Зеланд сака да ги зацврсти односите меѓу двете земји особено во областа на политиката, економијата, трговијата и културата и изрази уверување за успешна соработка, и покрај географската далечина, бидејќи и двете земји делат слични аспирации и демократски цели за своите народи.
„Изминатите две децении покажавте дека сте кредибилен партнер во меѓународната заедница и земја подготвена да ја одигра својата улога за стабилизирање на регионот на Југоисточна Европа. Ние ве охрабруваме да продолжите со соработката и конструктивниот пристап во односите со регионот”, порача амбасадорот Рата.
Новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Демократска Народна Република Кореја за Република Македонија со седиште во Софија, г. Ча Кон Ил, изрази уверување дека ќе се ангажира за развој на односите помеѓу двете земји за време на неговиот амбасадорски мандат.
На средбата беа разменети информации за актуелните состојби во Корејскиот полуостров, како и за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов беше информиран за видувањата на раководството на ДНР Кореја за политичките тензии во регионот и начинот на нивното надминување. Нагласувајќи ја важноста на дијалогот, претседателот Иванов изрази надеж дека со дијалог и мирољубиви средства ќе се изнајде решение за спорните прашања на Корејскиот полуостров во интерес на мирот, благосостојбата и просперитетот на корејскиот народ.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.