Француски и британски продуценти во посета на неколку локации во Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со претставниците на раководствата на реномираните компании за филмска продукција од Франција и од Велика Британија, „Marnie Digital“ и „2017 Films“, кои, на покана и по претходно остварената средба со министерката за култура во Париз, престојуваат во неколкудневна работна посета на Република Македонија. На средбата, на која присуствуваше и директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска, продуцентите изразија подготвеност својот следен интернационален високобуџетен филмски проект кој го реализираат заедно да го снимаат во нашата земја, која во филмската дејност се етаблираше како дестинација со интересни филмски локации и атрактивни стимулативни мерки, како што се правото на поврат на ДДВ и ниски даноци.

На средбата министерката за култура уште еднаш ги афирмираше заложбите на Владата на Република Македонија во областа на филмската дејност, а ги акцентираше и измените на Законот за филмска дејност со кои значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи кои веќе се заинтересирани да снимаат во Република Македонија.

Продуцентите од Франција и од Велика Британија потенцираа дека активно работат на своето најново заедничко филмско остварување, француско-англиска копродукција во која ќе бидат вклучени светски познати актери, а снимањето ќе започне на крајот од 2017 година. Тие ја изразија својата голема заинтересираност и продукциска куќа и професионалци од филмската дејност од Република Македонија да партиципираат во овој голем интернационален проект, а музиката за филмот да ја изработат реномирани композитори од нашата земја.

Претставниците од компаниите посетија неколку локации во Битола и во Прилеп каде што се запознаа со потенцијалите и природните ресурси што ги поседува Република Македонија за снимање големи филмски проекти. Продуцентите од Франција и од Велика Британија беа во посета и на локацијата во општина Зелениково каде што е предвидено да се реализира проектот за изградба на филмско студио. Гостите го изразија и огромното задоволство од остварените средби со повеќе реномирани актери и композитори од Република Македонија, како и со повеќе македонски компании за продукција и постпродукција, меѓу кои и компаниите „ФХ3Х“, „Вертиго“, интернационалниот оркестар ФАМЕС.., со кои во периодот што следува ќе остварат и конкретна соработка. Претставниците на реномираните компании најавија дека во јуни годинава, кога се очекува да бидат прецизирани повеќе аспекти од реализацијата на нивниот филм, повторно ќе дојдат во Република Македонија кога ќе посетат нови локации и ќе остварат средби со македонски композитори кои веќе работеле на интернационални филмски проекти.