Најдобрата кошаркарска репрезетација на Македонија попладнево на ждрепката во седиштетот на ФИБА Европа во Минхен ги доби противниците во квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2017 година.
Македонија која беше ждребувана од првиот шешир во групата на носители ќе игра во Групата Г против репрезентациите на Унгарија, Велика Британија и Луксембург. Црвено жолтите дефинитивно имаа среќна ждрепка бидејќи во квалификациите се избегнати силните и квалитетни селекции посебно од вториот квалитативен шешир како, Црна Гора, Босна и Херцеговина , Украина и Естонија.
Составите на другите шест групи се:
А – Група: Белгија, Исланд, Швајцарија, Кипар.
Б – Група: Германија, Холандија, Австрија, Данска.
Ц – Група: Русија, Босна и Херцеговина, Шведска.
Д – Група: Полска, Естонија, Белорусија, Португалија.
Е – Група: Словенија, Украина, Бугарија, Косово.
Ф – Група: Грузија, Црна Гора, Словака, Албанија.
Победниците на седумте квалификациски групи и четирите најдобри второпласирани репрезентации обезбедуваат пласман на Евробаскетот во 2017 година.
Во квалификациите ќе играат 27 селекции од Европа кои ќе се борат за 11 места на Евробаскетот во 2017 година. Квалификациите за пласман на Европскиот шампионат во 2017 кој ќе се игра повторно во четири земји, Финска, Израел, Романија и Турција се играат од 31 август до 17 септември.
Четирите коорганизатори автоматски се пласираа на ЕП, покрај нив сигурни учесници на континенталниот собир се и минатогодишните финалисти Шпанија и Литванија и седумте селекции учесници во Олимписките квалификации, Италија, Србија, Хрватска, Грција, Франција, Чешка и Латвија.
Малите баскети со ливчињата на кои беа испишани имињата на земјите учеснички на ждрепката ги извлекуваше легендарниот израелски тренер Пини Гершон.
На ждрепката во Минхен присутни беа и претседателот на Македонската кошаркарска федерација Петар Наумоски и генералниот секратар Моника Гаврилоска.