Началникот на ГШ генерал-потполковник Величковски му реферираше на Иванов за борбената готовност на АРМ за 2015

Началникот на Генералшабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Методија Величковски, денеска пред претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, реферирше за борбената готовност на АРМ во 2015 година.

На реферирањето присуствуваа министерот за одбрана, Зоран Јолевски, заменикот на министерот за одбрана, Иљми Селами, заменик претседателот на комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Сашо Аќимоски, претставници од кабинетот на Претседателот на РМ, раководители во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ.

Претседателот Иванов беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2015 година, согласно функционалните области на АРМ. Во текот на своето излагање генералот Величковски ги истакна активностите кои ја одбележаа 2015 година – ангажирањето на дел од единиците на АРМ за поддршка на Министерството за внатрешни работи во справување со мигрантската криза, учеството на армијата во справување со елементарните непогоди, успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Република Македонија и редовната обука и вежби на единиците на АРМ.

Беше заклучено дека и покрај сите предизвици со кои АРМ се соочи во текот на изминатата година, сите задачи се потполно и квалитетно извршени со максимално залагање на персоналот на сите нивоа.

Претседателот Иванов изрази признание на припадниците на Армијата на Република Македонија за нивната несебична посветеност при извршувањето на мисијата и задачите на АРМ потенцирајќи дека АРМ ја има најголемата доверба во општеството. Претседателот Иванов ја истакна улогата на АРМ во справувањето со мигрантската криза и укажа на потребата за донесување на нова стратегија на одбраната која ќе претставува основа за изработка на Планот за одбрана со цел ефикасно справување со модерните безбедносни закани.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски истакна дека во 2016 година приоритет ќе биде подобрување на условите за живот и работа на припадниците на АРМ, модернизацијата, опремувањето како максимална поддршка за подигнување на борбената готовност за успешното извршување на нејзините функционални надлежности.

Пред почетокот на реферирањето беше извршена презентација на публикации изработени во Командата за обука и доктрини, кои ќе бидат подлога за квалитетна и суштинска подготовка, образование на кадрите за одбрана и безбедноста, Воената академија и останатите универзитети во државата.

arm2