Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски заедно со членовите на Извршниот одбор на партијата Тања Ковачев и Спасе Глигоров вчера остварија средби со граѓаните од населените места Побожје, Кучевиште и Глуво, Скопско.
Во 21 век, на 15 километри од центарот на Скопје, ние сме заборавени, нема пат, нема изградено водоводна мрежа, му се пожалија на Манчевски граѓаните во Кучевиште.
„Груевски не го интересираат проблемите на граѓаните, тој после 10 години расипничка власт сега единствено се бори за спас на сопствената кожа. Нема пари за пат и водовод, што се основни потреби за нормален живот на граѓаните додека Груевски и фамилијта потрошија над 630 милиони евра за споменици“, нагласи Манчевски.
Затоа, дополни Манчевски, новата Влада на СДСМ ќе ги промени приоритетите. Парите ќе бидат за граѓаните и решавање на нивните проблеми.
Манчевски потенцираше дека СДСМ има Програма со која Македонија ќе биде земја со бројна и економски стабилна средна класа, а не општество на мала група многу богати и мнозинство сиромашни граѓани.
Стабилна средна класа значи луѓето да имаат повеќе пари. Затоа силно ќе го поддржиме развојот на приватниот сектор а приоритет ќе ни бидат домашните компании. Инвеститорите што ќе инвестираат во руралните средини ќе бидат дополнително поттикнати, рече Манчевски пред граѓаните на село Глуво.
Промените коишто ќе донесат подобар живот ќе се случат на следните слободни, фер и демокартски избори.
Тоа го знае и самиот Груевски. Неговото време заврши. Затоа Груевски не сака прочистување на Избирачкиот список и слободни медиуми. Тој се плаши од фер и демократски избори бидејќи знае дека на тие избори тој ќе стане минато и ќе мора да се соочи со одговорноста за криминалот и корупцијата.