Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно поместување на датумот, граѓанските активисти ќе немаат друга опција освен да повикаат на бојкот на изборите закажани за 24 април и на масовни протести против режимот, кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.
Ова стои во второто писмо на 75 невладини и граѓански организации до еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, и до другите меѓународни фактори активни во решавањето на политичката криза.
Граѓанскиот сектор смета дека во државата се случуваат недемократски процеси, непочитување на човековите права и владеење на правото и наместо конструктивен политички дијалог меѓу власта и опозицијата, се носат еднострани одлуки.
Билјана Бејкова од „НВО Инфоцентар“ вели дека попречувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство оневозможува ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани и во извештајот на Прибе.
„Во услови кога не се остварени основните реформски препораки и кога не се изведени пред лицето на правдата учесниците во изборен криминал, сметаме дека е скандалозно едностраното, самоволно и противуставно донесување одлука за одржување избори на 24 април 2016 година, од страна на Собранието на РМ, во отсуство на поголемиот дел од опозицијата. Не помалку скандалозно е и неосудувањето на ваквата еднострана одлука од Европската комисија (што може да се сфати како поддршка на политичкото самоволие). Скандалозно е инсистирањето на датум за избори, ставањето во втор план на итните реформски препораки и игнорирањето на апелот на голем број граѓански организации, кои бараа остварување на реформите за фер и слободни избори “– вели Бејкова.
Невладините организации писмото го испратија до претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка за надворешни работи и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, Делeгација на ЕУ во Македонија, пратеници во Европскиот парламент, раководителот на Сениорската експертска група – Рајнхард Прибе, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадите на сите земји-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија и до Амбасадата на САД.
Извор: meta.mk