Кривична за вработена во скопското ООУ „Коле Неделковски“ за “фалсификување или уништување на деловни книги“

СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Љ.А. (58) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека во текот на јануари годинава сторила кривично дело – “фалсификување или уништување на деловни книги“, предвидено и казниво по чл. 280 од КЗ на РМ.

Имено, по распишан јавен оглас во дневни весници од 30.12.2015 за избор на директор на ООУ “Кoле Неделковски“ Скопје, во траење од пет работни дена од страна на Училишниот одбор била формирана Комисија за разгледување на пристигнати документи по Огласот.

На 04. овој месец се состанала Комисијата за разгледување на пристигнатите документи по Огласот при што била разгледувана само една молбата со останатата приложена документација на единствениот кандидат кој се јавил на јавниот Огласт – актуелниот директор на училиштето и по разгледување на поднесената документација, Комисијата констатирала дека кандидатот ги има приложено сите потребни документи и ги исполнува условите, согласно јавниот Оглас и даден е предлог кандидатката да биде повикана на интервју, како би продолжила постапката за избор и именување на Директор а сето ова е записнички констатирано и заведено до деловодната книга.

Но, на 02.01.2016 година на јавниот Оглас, во рокот определен за доставување на документи, на адреса на УО молба доставил и друг кандидат од Скопје, кој молбата и останатата документација по објавениот Оглас ја доставил по пошта со препорачана пратка со датум 02.01.2016 година и истата во горенаведеното училиште е заведена со деловоден број од 05.01.2016 година. Затоа на 05.01.2016 година повторно се состанала Комисијата при што биле разгледувани двете молби, и притоа за документацијата доставена од вториот кандидат констатирано било дека истата е некомплетна, дека кандидатот – актуелниот директор на училиштето ги исполнува условите за избор на директор.

На 12.01.2016 година била одржана Седница на Училишниот Одбор на ООУ а како втора точка на дневниот ред бил разгледуван Извештајот на Комисијата за разгледување на молби по објавениот оглас за Директор, при што еден член на Комисијата и член на Училишниот Одбор не се согласувал да му бидат вратени документите на вториот кандидат со образложение дека Комисијата нема мандат да враќа документи, туку тоа треба да биде со Одлука на Училишниот Одбор и дека според законските прописи кои ја регулират сферата на образованието, не е потребно кандидатот да поседува документ за познавање на македонскиот јазик и кирилското писмо, како и дека со ниеден законски пропис не е предвидено дека кандидатот мора да стави свој потпис на Молба и биографија.

Сепак пријавената Љ.А. како службено лице – технички секретар во ООУ „Коле Неделковски“ три дена претходно, односно на 08.01.2016 година со ИН ПОШТА – сигурна пошта, како експресна пратка му ја вратила документацијата на вториот кандидат на негова домашна адреса. Покрај останатата документација, на одбиениот кандидат му било доставено Известување заведено со деловоден број на 08.01.2016 година, наводно потпишано од четворица членови на Комисијата, со кое го известуваат дека е одбиен на Огласот поради некомплетна, односно непотпишана документација, без можност да се изврши исправка на истата.

Одбиениот кандидат сомневајќи се во валидноста на Известувањето (потписите на членовите на Комисијата се копирани и пренесени најверојатно од друг документ) доставил известување со приговор по однос на вратената документација на 11.01.2016 година, но деловодниот број не е внесен на приемниот штембил. А истовремено писмено го известил и градоначалникот на Општина Центар.

Од страна на Градоначалникот на Општина Центар доставена е пријава до СВР Скопје. По добивањето на документацијата и извршените разговори со инволвираните лица во случајот, констатирано е дека еден од потписите на известувањето до одбиениот кандидат не е даден од член на Комисијата. Исто така во разговорот со одбиениот кандидат евидентирано е дека молбата, кратката биографија и програмата за работа приложени во документацијата – на одбиениот кандидат биле своерачно потпишани од негова страна.