Оваа јубилејна 2016 година, Народната банка на Република Македонија е во центарот на прославувањето на 70-годишното институционализирано централнобанкарско работење на територијата на македонската држава. Во изминатите седум децении, оваа институција, во различни правно-формални рамки и низ низа процеси на еволутивен институционален развој, претставуваше и претставува суштински значаен столб за функционирањето на македонското општество и сидро на макроекономската стабилност на државата.
Како основен носител и спроведувач на централнобанкарското работење во Република Македонија, почнувајќи од донесувањето на Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор, донесена на 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка станала Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија, и поконкретно, од нејзиното фактичко спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври 1946 година, па сè до денес, Народната банка на Република Македонија осведочи за различни периоди на општествен спокој и благосостојба, но и пресвртни времиња на предизвици и промени. Потпирајќи се на сопствените пластови професионално знаење и искуство, на соработката со повеќе централни банки и други меѓународни монетарни институции, но пред сè, на трудот на генерации банкарски службеници и раководни лица коишто го минале својот работен век во оваа институција, кредибилно ги извршува своите комплексни и исклучително одговорни функции и задачи во доменот на централнобанкарското работење.
Овогодишниот јубилеј е несомнена пригода да се спомене вонредната седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 26 април 1992 година кога беше донесена Одлуката за монетарно осамостојување на Република Македонија, чии составни делови беа и Законот за Народната банка на Република Македонија, Законот за паричната единица и Законот за употреба на паричната единица. Овие круцијални акти претставуваат вториот меѓник во историјата на централнобанкарското работење во Република Македонија, имајќи предвид дека тие ја воспоставија рамката за непречено функционирање на централната банка како независна, емисиона банка на суверена и самостојна Македонија.
Денес, соочени со институционалните одговорности и предизвици пред кои нѐ постави ритамот на новиот милениум, Народната банка на Република Македонија е во постојан професионален напор за праведно, одмерено и недискриминаторско опслужување на потребите на македонското општество, водејќи прудентна монетарна политика којашто обезбедува ценовна стабилност преку стабилен курс на македонската национална валута и стабилен банкарски сектор. Овој институционален успех се должи и на сериозните напори за сопствено внатрешно реформирање и забрзано приближување на Народната банка на Република Македонија кон семејството на централните банки на државите-членки на Европската Унија, во поглед на воспоставувањето високоразвиени практики и стандарди во своето работење.