Претседателот Иванов на одбележување на христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики во Тетово

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Св. Атанасиј Велики, што се одржа во црквата „Св. Атанасиј” во Тетово.

Во истоимената црква претседателот Иванов присуствуваше на света божествена литургија во сослужение на свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ-ОА, и на церемонијата на осветување на празничниот колач. Македонскиот претседател на верниците им го честише празникот Св. Атанасиј Велики, посакувајќи им здравје, радост и благосостојба.

Во црквата во манастирскиот комплекс на тетовското кале, традиционално се прославува христијански празник Св. Атанасиј Велики. Старешината на манастирот прота Дарко Наумоски го истакна значење и потребата за продолжување на оваа црковно-народна традиција.

Црквата „Св. Атанасиј” која датира од 14 век, претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Република Македонија.

sv_atanasij (1)