Осум театри опремени со нова и современа сценска, светлосна и тонска опрема

Осум театри од нашата држава се опремени со нова и современа сценска, светлосна и тонска опрема, проект во програмата на Владата и на Министерството за култура за кој се издвоени средства во висина од 17,6 милиони денари.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција информираше дека со квалитетна и софистицирана опрема од најреномираните светски брендови целосно се опремени: Драмскиот театар, Театарот за деца и младинци, Народниот театар Битола, како и театрите кои работат во состав на центрите за култура во Прилеп, Куманово, Штип, Струмица и во Охрид. Со овој проект се набавени разни типови светлосна опрема (рефлектори, ламби, пултови, филтри и друга помошна светлосна опрема), тонска опрема (звучници, засилувачи на звук, аудиомиксери, микрофони), сценска опрема, како завеси и практикабли, и видеоопрема, пред сѐ, видеобимови.

Канческа-Милевска потсети дека реализацијата на проектот произлезе од анализата што ја направи Министерството за култура во соработка со институциите, според која се увиде дека постојната опрема на театрите е навистина дотраена и постои неопходност од нејзина замена. Анализата ја утврди потребата од опремување на 8 од постојните 15 театри во Република Македонија кои технички се опремени во периодот од 1980 до 1983 година и оттогаш нивните потреби за набавка на нова техничка опрема се инцидентно решавани. Министерката за култура нагласи дека со овој проект не беа опфатени театрите за кои се градат нови објекти, како што се Албанскиот, Турскиот, Струмичкиот и Тетовскиот театар, додека, пак, МНТ и велешкиот театар веќе имаат подобра и поквалитетна опрема од повеќето реномирани театарски куќи во регионот и пошироко.

Канческа-Милевска потенцираше дека со оваа опрема театрите ќе можат да создаваат продукции кои се пандан на претставите на еминентните институции од регионот и пошироко, продукции кои изобилуваат со сценски, тонски и светлосни ефекти кои се во функција на создавање квалитетни театарски остварувања.

„Сценската технологија е срцето на театарот и во таа смисла верувам дека со оваа опрема ќе се унапреди работата на театрите во нашата држава и нивното целокупно функционирање во техничко-технолошка смисла“ – рече Канческа-Милевска. Таа нагласи дека проектот ќе има сериозно позитивно влијание врз театарската продукција во нашата држава, но и врз збогатувањето на културната понуда за граѓаните кои годинава со поддршка од Министерството за култура ќе можат да гледаат 125 квалитетни проекти од драмската дејност, 76 претстави од професионалната продукција, 26 фестивали и манифестации и 22 аматерски претстави.

Македонската публика ќе има можност да проследи значајни театарски остварувања на етаблирани режисерски имиња од нашата земја, но и на врвни автори од странство, кои ќе внесат свежина во репертоарот на националните театри во Република Македонија. Во изминатиот период беа реализирани и неколку други клучни инвестиции во драмската дејност, како што се обновата на центрите за култура во чии рамки функционира театар, се реализираа вработувања на актери, режисери и драматурзи, а годинава е зголемен буџетот за драмската дејност. На прес-конференцијата беа присутни и директорите на театарските куќи кои добија современа опрема, кои ја поздравија реализацијата на овој проект, при што акцентираа дека со технолошкото опремување на театрите значително ќе се подигнат стандардите на продукција на драмските дела.