Откриени царински измами и запленети девизи, тутун, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија две царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, тутун, работна облека, рачни часовници, рачен алат, фен и пегла за коса, PXD пирамиди и биотерапевтски плочи и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 10.500 евра откриени при контрола на германски автомобил и личен претрес на возачот, македонски државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. 12.500 евра се пронајдени во паричник покрај седиштето на возачот и во внатрешен џеб од неговата јакна, за кои не поседувал документи за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поведена соодветна постапка.

– 10.000 евра, откриени при личен претрес на двајца сопружници, македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата, на граничниот премин Богородица. Во џеб од панталоните на возачот и во рачната чанта на неговата сопруга се пронајдени по 7.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи, на двајцата патници им се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а по 5.000 евра се привремено задржани. Против двајцата патници се понесени барања за поведување прекршочни постапки.

Тутун

– 20 килограми сецкан тутун, откриени на Железничката станица Табановце, при контрола на меѓународен патнички воз што сообраќал на релација Солун – Белград. Тутунот, чиј сопственик е непознат, е пронајден во 10 најлон кеси и 12 картонски кутии, скриени под седиштата на неколку купеа од возот.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 14.318 kg прашок за перење, 1.920 литри течен детергент, 7.200 пасти за заби, 84.600 запалки и 60 четки за заби со ознаки на заштитени тровски марки, откриени при контрола на македонски камион натоварен со стока од испраќач од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце.

– 10 рачни часовници и 1 мобилен телефон со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 8 пратки, од кои 6 пратки од Холандија наменети за примачи од Скопје, 1 пратка од Сингапур наменета за примач од Велес и 1 пратка од Кина за примач од Струга .

Во сите случаи, поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, привремено се задржани и согласно законските прописи ќе бидат поведени постапки за докажување на нивната оригиналност.

Облека и модни додатоци

– 38 работни комбинезони, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на српски државјанин, кој допатувал со лет од Гетеборг.

– 275 рачни часовници Spectrum, откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Часовниците, пронајдени во пакети со вода и личниот багаж на возачот, сместени во багажниот простор на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Останато

– 4 парчиња рачен алат (пневматски одвртувачи, бор-машина и брусилка), 4 гарнитури рачен алат (пневматски одвртувач со приклучоци и алат со инбус приклучоци), 2 пегли за коса, 3 комплети фенови со четки за коса, 5 штеки цигари марка AKHTAMAR, со ерменско потекло, без акцизни маркички и 10 пара патики без амбалажа, со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи се пронајдени во кабината на возилото, поточно во страничните прегради за алат и опрема, во горните фиоки, во горниот кревет и во личниот багаж на возачот. Производите се привремено задржани, против возачот е поведена соодветна постапка, а за патиките, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 40 PXD керамички пирамиди и 80 PXD биотерапевтски плочи, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Сараево – Гостивар, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.Непријавените производи се пронајдени во патна торба сопственост на возачот, сместена на креветот во просторот за одмор на возачите. Според изјавата на возачот производите требало да ги пренесе до фирмата ПХД Системи од Скопје. Пирамидите и плочите се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Царински измами

Во текот на минатата недела откриени се две царински измами, од кои едната на царинската испостава Гевгелија, а другата нацаринската испостава Скопје 1.

Во првиот случај, во текот на 2015 година, на царинската испостава Гевгелија, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење “Нафтен кокс – суров”, за кој бил приложен сертификат за бруто калорична вредност по кој се наплатуваат акцизни давачки. Откако била извршена анализа на земена мостра од коксот било утврдено дека бруто калорична вредност на пријавениот производ се разликува од податоците наведени во приложените документи, со што биле избегнати увозни давачки во износ од над 39 илјади денари. Против увозникот е поведена прекршочна постапка за сторениот царински прекршок.

Во вториот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење, на царинската испостава Скопје 1, „стреч фолија“ за земјоделски цели, декларирана во тарифна ознака со повластена стапка на ДДВ од 5%. По извршен документарени физички преглед на стоката, утврдено е дека пријавената фолија не е за земјоделски цели, поради што треба да се распореди во друга тарифна ознака, за која е пропишана стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената стапка на ДДВ, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од над 257 илјади денари, а против увозникот ќе бидат превземени соодветните законски мерки.