ЕУ даде дозвола за извоз на конзумни јајца од Македонија

Европската унија ја стави Република Македонија на листата на трети земји одобрени за извоз на конзумни јајца на пазарите во Унија. Од страна на Европската комисија одлуката е донесена во почетокот на годинава, кога е одобрен и планот на Република Македонија за контрола на Салмонела кај кокошките несилки.

Со одобрување на овој план, Република Македонија обезбедува гаранции за здравствениот статус на живината и за безбедноста на конзумните јајца.

Со цел обезбедување на статус на Република Македонија – земја одобрена за извоз и на живинско месо и производи од живина во Европската унија, минатата недела од страна на Канцеларијата за храна и ветеринарство при Европската комисија, извршена е инспекциска мисија на Агенцијата за храна и ветеринарство. Во рамки на мисијата направена е евалуација на контролниот систем за здравствена заштита на живината во Република Македонија и проверка на усогласеноста на условите на живинарските фарми со законодавството на Унијата.