Поднесени кривични пријави од Царинската управа во јануари 2016 година

Постапувајќи по констатираните неправилности, во јануари 2016 година Царинската управа поднесе 7 кривични пријави против 3 правни и 11 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „Криумчарење“.

Даночно затајување

Две кривични пријави против две правни и три физички лица се поднесени за сторено кривично дело даночно затајување.

Во двата случаи, третопријавеното лице организирало увоз на тутун во лист преку пријавените правни лица, за што на одговорните лица им исплаќало паричен надомест од 700 евра за секој увоз.

Во првиот случај, преку едното правно лице бил извршен увоз на 132.000 килограми тутун во лист, што подоцна е превземен од непознати лица во име на две фиктивни фирми од Шведска, за што во сметководствената евиденција на правното лице се пронајдени фактура и профактура за наводна продажба на тутунот, издадени за правните лица од Шведска.

Во вториот случај, преку второто правно лице бил извршен увоз на 50.000 килограми тутун во лист, што подоцна е преземен од непознати лица во име на една фиктивна фирма од Шведска, за што во сметководствената евиденција на правното лице била пронајдена фактура издадена за наводна продажба на тутунот.

За фирмите од Шведска не биле пронајдени податоци за регистрирани претставништва, ниту фирми во Република Македонија. На барање на Одделението за истраги при Царинската управа, Управата за јавни приходи спроведе контрола на осомничените правни лица, со што се утврди дека, во двата случаи, во нивните сметководствени евиденции целата количина увезен тутун во лист се води како залиха на стоки, иако физички не ја поседувале. Увозниците не презентирале документи, фактури или извозни царински декларации од кои може да се утврди дека стоката ја напуштила територијата на државата и е продадена во странство, односно не е приложен соодветен веродостоен документ за отуѓување на увезената стока.

Согласно одредбите од Законот за персонален данок на доход, приходот добиен од продажба на залихата претставува лично примање, на што од страна на Управата за јавни приходи е пресметан персонален данок на доход, во првиот случај во износ од околу 2,4 милиони денари, а во вториот случај во износ од околу 689 илјади денари.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Две кривични пријави се поднесени против 1 правно и 4 физички лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

*Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Гевгелија и неговото одговорно лице, македонски државјанин, поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост. Пријавените, на 27.03.2015 година, на царинската испостава Струмица, пријавиле за увозно царинење разна стока од испраќач од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 8 сета масички и столчиња со ознаки на заштитена трговска марка.

*Една кривична пријава е поднесена против три физички лица од Скопје, поради неовластено производство и пуштање во промет производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. Поради сомневање дека се врши нелегално производство на фалификат обувки, на 19.11.2015 година, на барање на Царинската управа, судија на претходна постапка при Основниот Суд Скопје 1 издаде наредба за претрес на простории на улица Џон Кенеди во Скопје. При претресот беше утврдено дека просториите се всушност работилница за неовластено производство на обувки. Во работилницата беа затекнати осомничените лицакои изработуваа обувки, а откриена беше и поголема количина готови обувки, репроматеријал за изработка на спортски обувки (етикети, апликации, горништа и ѓонови), како и повеќе машини на кои е вршено производството. При претресот привремено беа задржани 166 пара обувки (патики и чевли), 3.404 парчиња етикети, апликации и налепници, со ознаки на повеќе заштитени трговски марки, како и 9 машини и други репроматеријали за производство на обувки.

Во двата случаи, по увидот на стоката застапниците на носителите на правата од интелектуална сопственост ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврди од истите дека задржаната стока ги повредува нивните права од индустриска сопственост.

Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи

Две кривични пријави се поднесени, против две физички лица за сторено кривично делонеовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

*Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин за обид за нелегално внесување на пиротехнички средства во Македонија. На 22.12.2015 година, осомничениот со автомобил со бугарски регистарски ознаки се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. При детална контрола на возилото, во торба со документи која се наоѓала на задното седиште, како и во црна најлонска кеса која се наоѓала во багажниот простор биле пронајдени 694 петарди.

*Една кривична пријава е поднесена против грчки државјанин заради обид за нелегално внесување на оружје и муниција. На 14.01.2016 г., осомничениот, управувајќи автомобил со грчки регистарски ознаки, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица. При детална контрола на возилото, во просторот за багаж била пронајдена е употребувана ловечка пушка „BettinsolioverlandEL“ и флуоресцентно елече во чии џебови биле пронајдени 19 парчиња ловечка муниција. Врз основа на предлог – спогодба, осомничениот со пресуда е огласен за виновен и изречена му е казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку лицето не стори ново кривично дело за време од 5 години.

Криумчарење

Една кривична пријава е поднесена против 1 македонски државјанин за обид за криумчарење на разна стока со вкупна вредност од околу 244 илјади денари. Осомничениот, управувајќи автобус со турски регистарски таблички, што сообраќал на редовна линија Истанбул – Приштина се пријавил за влез во Македонија на граничниот премин Деве Баир. При детална контрола на автобусот, во делот каде што е сместен тоалетот од автобусот, пронајдена е поголема количина непријавени лекови (инјекции и неколку видови таблети и ампули), креми, сетови за средување нокти, тоалетни води и парфеми.