Обраќање на претседателот Иванов на панел дискусијата „Дијалог помеѓу цивилизациите: Патот пред нас“

Обраќање на претседателот Иванов на панел дискусијата „Дијалог помеѓу цивилизациите: Патот пред нас“

Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,

Чест ми е да се обратам на оваа прва панел-дискусија организирана од фондацијата „Алијанса на цивилизациите”. Како најнова македонска иницијатива, фондацијата е доказ за посветеноста на Македонија кон Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и е наш влог кон важните активности на оваа глобална организација.

Тука со нас е д-р Исмаил Серагелдин, директорот на современата Александриска библиотека, наследник на античката Александриска библиотека. Со мојот пријател сме имале многу интересни и инспиративни разговори.

Од самиот почеток, Александрија и Александриската библиотека биле производ на филозофијата на почитување и на прифаќање на знаењата што доаѓаат од различни култури и цивилизации. Александрија била силиконската долина на античкиот свет, поле на културен натпревар меѓу народите, во вистинска смисла на зборот. Натпревар меѓу различните мислења, теории и светогледи во кој единствен начин да се победи е со силата на аргументите.

За жал, често се случува оние кои не се способни да победат со силата на аргументите, да посегнат по аргументот на силата. Не е ни чудно што, како простор на слободата, библиотеките често биле напаѓани, а книгите забранувани, цензурирани и уништувани токму од непријателите на слободата и различноста, слободата да се има различно мислење и да се биде различен.

Овој феномен своето име го доби пред 70 години во еден текст на Албер Ками. Но, феноменот беше развиен на ниво на теорија во една книга што беше објавена пред точно 20 години – тоа е „Судирот на цивилизациите” на Семјуел Хантингтон.

Денес сме сведоци дека, за жал, дел од предвидувањата на Хантингтон за судирот меѓу цивилизациите, на прв поглед, се остваруваат.

На Блискиот Исток и во Северна Африка имаме разорени општества и пропаднати држави во кои нема услови за владеење на правото и за почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Цели заедници се откорнати и прогонети, а нивните домови и храмови се разрушени. Бегајќи од конфликтите и хаосот, дел од нив, мирот и безбедноста ги бараат во Европа.

0002Истовремено, обединета Европа има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Европа се затвора во себеси, а тоа затворање раѓа несигурност и ксенофобија. Во вакви услови, не е прашање дали предвидувањата на Хантингтон се остваруваат или не. Вистинското прашање е дали Хантингтон даде проекција или план?

Ценети присутни,

Верувам дека причината за судирот меѓу различни цивилизации не треба да ја бараме во самите религии и цивилизации, туку во отсуството на дијалог меѓу нив.

„Незнаењето води до страв, стравот води до омраза, а омразата до насилство”, рекол средновековниот арапски филозоф Ибн Ружд, познат како Авероес. Во негово време, токму арапскиот свет бил синоним за отвореност и за дијалог. Јас, пак, честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, тој се гетоизира и измислува непријателства. Затоа, единствен одржлив модел на градење мир и интеграција е преку дијалог.

Сепак, има три сериозни предизвици за дијалогот меѓу цивилизациите.

Првиот предизвик се состои во тоа што имаме многу монолози маскирани како дијалог.

Ако во дијалогот, наместо да го сослушаме соговорникот, се обидуваме сопствениот став да го наметнеме со висок тон и со агресивен настап, тогаш ние не водиме дијалог, туку монолог.

Со вас ќе споделам анегдота за Мстислав Ростропович, еден од најголемите виолончелисти на 20 век. На почетокот на кариерата, на еден концерт тој свирел пред исклучително напорна публика. Колку погласно свирел, толку публиката погласно зборувала. Залудно се обидувал да ја надгласи бучната публика. Сфаќајќи дека ја губи битката Ростропович во текот на концертот ја променил тактиката. Наместо гласно, одеднаш почнал да свири многу тивко. Резултатот бил моментален. Салата за миг се исполнила со тишина. Лекцијата што ја научил е дека тивкото свирење може да има гласен ефект.

Истото правило важи и за дијалогот. Ако постојано викаш, ќе почнат да те игнорираат. Ако, пак, сакаш да те чујат, тогаш биди тивок. Затоа, во дијалогот кон кој искрено пристапуваме треба да се слушаме, а не да се надвикуваме.

Вториот предизвик е водење дијалог поради дијалог, што е всушност средство без цел.

Денес во светот има десетици замрзнати конфликти кои траат со децении. И покрај безбројните конференции, семинари и работилници, и покрај бескрајните разговори меѓу спротивставените страни, сегашните генерации сè уште не можат да постигнат решение за конфликтите што ги започнале нивните татковци и дедовци. Зошто? Бидејќи влегле во дијалошкото вртење во круг кое станало контрапродуктивно. Понекогаш, намерно се одржуваат во живот ваквите циклуси на безнадежни дијалози со цел да не се дојде до решение и да се одржи конфликтот.

Дијалогот не е цел сама за себе. Напротив. Дијалогот е средство за доаѓање до вистината која нè ослободува од предрасудите. Со тоа, дијалогот ни овозможува да дојдеме до мир, кој треба постојано да го одржуваме.

Затоа, наместо дијалог поради дијалог, потребен ни е дијалог заради решенија. Проблемот со овој пристап е што бара сериозна посветеност, големо познавање на проблематиката и отвореност. И тој пат ни малку не е лесен. Затоа, премногу лесно некои го избираат полесниот, но погрешен пат.

0002

Тука доаѓаме до третиот предизвик, а тоа е дијалог за надминување на различноста.

Честертон рекол дека има два вида на миротворци во современиот немирен свет. Додека првиот миротворец тврди дека се согласува со сите, вториот тврди дека сите се согласуваат со него. Овие двајца миротворци заедно ќе отворат повеќе конфликти отколку што ќе разрешат. Зошто? Бидејќи, и едниот и другиот сакаат мир по цена на различноста. И, ниту едниот, ниту другиот не ги почитува различните ставови на страните во конфликтот.

Денес во светот популарна станува идејата дека ако добро ги измешате различните религии и цивилизации, тогаш таа мешавина можете да ја наречете единство и дека тоа единство можете да го наречете мир. Тоа е исто како да се обидувате да создадете трајно пријателство меѓу станарите во една зграда со тоа што ќе ги срушите внатрешните ѕидови што ги одвојуваат собите и становите во таа зграда.

Ваквиот модел на бришење на разликите не само што нема да ги даде посакуваните резултати, туку најверојатно ќе има и сосема спротивни резултати – ќе создаде поголем анимозитет.

Затоа, во традицијата на Балканот е, наместо да ги рушиме ѕидовите меѓу соседите, во тие ѕидови да правиме мали врати што ќе останат отворени во случај на потреба. Тоа се вратите за дијалог и за меѓусебно помагање во време на неволја. Тоа е традицијата на комши-капиџик.

Дами и господа,

Како Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации да ги избегне овие три стапици за дијалогот?

Прво, Алијансата мора да учи од позитивните искуства за дијалог што не е наметнат одозгора, туку извира од самото општество. Тоа е дијалог што е резултат на трпеливо создавана доверба преку почитување и прифаќање на различноста. Индивидуалните креатори на политики и носители на одлуки не можат да бидат помудри од колективниот мудрец наречен општество, кое наоѓа сопствени модели и начини да функционира.

Второ, Алијансата мора да работи на создавање неопходни услови во кои сите учесници во дијалогот ќе се чувствуваат еднакви и недискриминирани. Тоа може да се постигне во еден простор за слобода на изразувањето на различноста. Простор во кој правото на едниот мора да биде право и за другиот, за тоа да создава одговорност и за двајцата.

Трето, луѓето често измислуваат нови идеи и идеали бидејќи се плашат од старите идеали. Гледаат нанапред со ентузијазам затоа што се плашат да погледнат наназад. Наместо да го отфрламе минатото, треба да учиме од позитивните искуства од минатото, за да не ги повторуваме грешките.

Живееме во свет во кој конфликтот е правило, а мирот исклучок. Парадоксално, најголеми периоди на мир имало во регионот што асоцирал на антагонизми. Во последните 3100 години, за кои постои документирана историја, само околу 200 години биле исполнети со мир. Најголемиот парадокс е што најголемите периоди на мир биле токму на Балканот. Тие периоди се запишани во историјата како Pax Romana и Pax Ottomana.

Империите пропаднаа и исчезнаа. Но, вековната традиција на соживот и на почитување остана. Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот демократски модел на интеграција без асимилација, во македонскиот инклузивен модел на соживот.

За разлика од Западот, каде се разви концептот на толеранција, во Македонија, на Балканот применуваме нешто што е повеќе и од толерирањето, а тоа е почитувањето на различноста.

За да биде успешен европскиот проект, наместо да наметнува нови и неиспробани модели, треба да ги користи успешните општествени модели втемелени врз традицијата и стремежот на луѓето кон достоинствен живот.

Драги пријатели,

Верувам дека овие три лекции ќе ѝ помогнат на Алијансата на цивилизациите, но и на сродните форуми и организации, како меѓународниот центар „Низами Ганџави” да ја остварат целта на своето постоење. Целта е да му помогнат на светот да се врати на патот од кој скршна. Исклучивоста да ја замениме со прифаќање, ксенофобијата со почитување на различноста. Монологот да го замениме со дијалог меѓу цивилизациите.

Алијансата на цивилизациите е наша надеж бидејќи е составена од луѓе кои искрено се посветени на градење мир преку дијалог меѓу различните. Луѓе кои се уверени дека 21 век не е доволно да биде век на констатации, туку и на решенија за сите наследени и сегашни предизвици.“- рече во своето обраќање претседателот Иванов.

0003