Започна полагањето државна матура

Државната матура денеска се спроведува во сите средни училишта без никакви проблеми. Матурата почна во предвидениот термин и се одвива согласно планот и динамиката, изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, при посетата на Гимназијата „Јосип Броз-Тито“.

Тој информираше дека резултатите од државната матура ќе бидат обезбедени триесет дена по завршување на последниот испит.

Инаку денес матурантите полагаат мајчин јазик (македонски, албански и турски) и литература, кој е задолжителен за сите пријавени кандидати. За македонски јазик и литература се пријавени 10.730 кандидати, албански јазик и литература 5.424, а 428 полагаат турски јазик и литература.

Државна матура оваа година ќе полагаат вкупно 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование.

Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмети.

На 9 јуни ќе се полага испитот по математика за кој се пријавени 2.335 кандидати, а на 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик.

Најмногу матуранти (15.353) избрале да полагаат англиски јазик, француски јазик ќе полагаат 114 кандидати, германски јазик 197 и руски јазик 32 кандидати.

На 15 јуни е закажано полагање по предметите: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.426 кандидати, историја 2.775, биологија 3.191, филозофија 4.230, хемија 344, физика 91 и естетика 188.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.314 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.