Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денес оствари средба со Роберт Бершински, заменик помошник секретар на Бирото за демократија, човекови права и труд на Стејт Департментот.
Соговорниците ги поздравија билатералните односи помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, кои се карактеризираат со пријателство и со соработка во сите полиња од взаемен интерес.
Беше изразена посветеноста за унапредување на соработката и на политичко и на економско ниво.
Двете страни ја истакнаа значајноста и приоритетот на организацијата на фер, кредибилни и демократски избори. Беше истакната нужноста за посветеност на сите политички партии во унапредување на довербата во изборниот процес.
Претседателот на Владата за спроведување на изборите Димитриев ја истакна определбата на Владата за реализација на барањата на Државната изборна комисија за организација на изборите на 24 април 2016 година за што постои соодветна комуникација и координација. Во однос на медиумските слободи истакна дека за Владата постоечкиот закон кој ја регулира оваа материја а беше изработен во соработка со Европската Комисија е добар, но доколку партиите се договорат дека е потребна промена на законот за Владата е прифатлив било кој закон кој ја регулира оваа сфера од било која од земјите членки на Европската Унија.
Двете страни ја потенцираа значајноста од дејствување во насока на превенирање и оневозможување на било какви притисоци во врска со изборите кон вработените во државната и јавна администрација и нивното гласање.
Соговорниците ја истакнаа посветеноста на двете земји во понатамошно унапредување на меѓусебната соработка.