Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„По кој знае кој пат СДСМ Охрид не може и нема доблест да го признае фактот дека Охрид во сите негови делови се гради и се разубавува – она што сите граѓани го гледаат. Искрено жалиме за таквата малициозност, а уште повеќе за тоа дека СДСМ Охрид во своите редови не ангажира луѓе кои досега ќе стекнеа барем минимум знаење како се одвиваат постапките за реализација на проекти. Незнаењето оди до граници на елементарно непознавање на законската регулатива, редоследот и постапките потребни за донесување на урбанистичко – планската документација која предходи на реализација на било кој зацртан градежен проект. Очигледно е дека опозицијата до сега не го прочитала Законот за градење, ниту пак Законот за градежно земјиште, а уште помалку Законот за јавни набавки и Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
Веројатно слаба страна им е исто – така познавањето, почитувањето и запазувањето, на законските рокови во спроведувањето на одредена постапка за градење. Впрочем таа пракса и ја покажаа на дело во стотици и илјадници постапки во нивното осумгодишно пустошење на градот.
Оваа локална самоуправа предводена од градоначалникот Бакрачески цврсто стои на ветувањата дадени пред граѓаните на Охрид, но исто – така како и многу пати предходно напоменува дека запазувањето на роковите при реализација на истите ќе биде само и само во рамките на законската регулатива и отстапување од тоа нема!
Ние поинаку не знаеме!
Продолжуваме посветено, интензивно и отчетно да го градиме и разубавуваме Охрид.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.