Секој треба да си ги исполнува своите обврски. Ќе обезбедиме за секој основан барател на азил во Република Македонија сместување и сите оние третмани за кои сме обврзани на меѓународно ниво, но во никој случај нема да дозволиме да бидеме претворени во бегалски камп бидејќи ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран, туку се влезени на наша територија од земја-членка на ЕУ.
Ова го порача министерот за надворешни работи Никола Попоски во одговор на новинарско прашање по средбата во Скопје со неговиот чешки колега Љубомир Заоралек.
„Ќе обезбедиме хуман и безбеден транзит за сите, ќе ги примениме оние одлуки кои се донесени на европско ниво, ќе соработуваме како што сме соработувале досега и со Грција и со сите други земји членки кои ни помагаат, вклучително и Чешката Република… Грција ни е сосед и немаме никаков интерес да биде во каша и да не може да ги решава проблемите, но нема да дозволиме да се спроведуваат еднострани решенија кои ќе бидат на наша штета. На наша штета би било доколку Грција се претвори во паркиралиште за мигранти, но во никој случај нема да дозволиме Македонија да се претвори во паркиралиште за мигранти“, рече Попоски.
Тој посочи дека Македонија во пракса покажа оти може да го спроведува она што е договорено, значително го намали протокот на нелегалните мигранти, воспостави систем на контрола и регистрација и спроведување на основаните баратели на азил во ЕУ на хуман и безбеден начин. Додаде дека европскиот план за справување со мигрантската криза е одличен и нагласи дека секој треба да си ги преземе обврските во својот дел.
„За да можеме ова да го спроведеме значајна ни беше и помошта што на билатерално ниво ни ја дадоа повеќе земји членки на ЕУ, вклучително и Чешката Република која несебично придонесува и со присуство на сили и со помош на опрема за да можеме да ја реализираме контролата на границата, да спречиме нелегални преминувања и да имаме ефикасен систем за регистрација на мигрантите,“ рече Попоски.
Прецизира дека двете земји се свесни за драматичноста што ја има мигрантската криза врз ЕУ и врз сите земји кои се наоѓаат на балканската рута.
„За нас е зјначајно тоа што е договорено на европско ниво да се имплементира. Помош да се пружи на Турција во делот на бегалците кои се наоѓаат на нејзина територија и во делот на контролата на нејзините граници, но и во делот на контрола на надворешните граница на ЕУ, односно во Грција и во делот на соработката со Грција. Македонски интерес е да имаме соработка со Грција, да нема еднострани решенија и сите заедно да дејствуваме во правец на контрола, безбеден и хуман третман на мигрантите и сите кои имаат основа да бидат азилобаратели во некоја од европските земји“, рече Попоски.
Нагласи дека на средбата со Заоралек покрај за мигрантската криза се говорело и за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за економската соработка меѓу Чешка и Македонија и додаде дека за сите теми чешката и македонската страна имаат слични или исти видувања.
Чешкиот министер истакна дека Прага и понатаму останува на своите ставови за прием на Македонија во ЕУ и НАТО и нагласи дека земјата е во групата пријатели на Македонија. Додаде дека заедно со него е дојдена и поголема група бизнисмени од Чешка кои се заинтересирани за инвестирање во Македонија.
„Нашата соработка е на високо ниво. Ставот на Чешката Република кон Македонија останува непроменет како за интеграцијата во ЕУ, така и за приклучувањето кон НАТО. Ние сме членови на групата на пријатели на Македонија и истовремено како Чешка Република сакаме да помогнеме во сегашната неповолна ситуација во која се наоѓа Република Македонија. Вознемирени сме од внатрешнополитичката криза во Македонија, особено во деловите на владеењето на правото и слободата на медиумите и сметаме дека овие проблеми треба да се решат што е можно побрзо. Би сакал во Македонија навремено и што побрзо да се одржат избори и земјата да добие претставници кои ќе бидат способни да ги решаваат проблемите не само што ги има Македонија, туку и ЕУ“, рече Заоралек.
Тој прецизира дека Чешка има искуство со решавање на проблемите во интеграциските процеси, а особено во трансформациските процеси, но додаде дека им е неопходен партнер кој ќе биде навремено избран на избори за да може заедно со нив да разговара и да ги решаваат проблемите. Посочи дека се дојдени во Македонија за да соработуваат со земјава за решавање на мигрантската криза и да помогнат да не стане камп каде би се задржале сите бегалци.
„За сегашниот најголем проблем со кој се соочува ЕУ – мигрантската криза Република Чешка помага не само хуманитарно, туку испрати и 27 полицајци кои делуваат на границата, подготвени сме и за понатамошно продлабочување на соработката и изнаоѓање на нови можности за помош. Чешка не сака само да гледа отстрана, туку сака да биде активен учесник во решавањето на проблемот со кој се соочуваме. Сакам да ја продолжиме соработката што ја имаме без разлика дали земјите се дел или не од ЕУ,“ рече Заоралек.
Тој предочи дека Европската унија е една целина којашто мора да функционира заеднички и која мора заеднички да ги решава сите проблеми со кои можеме да се сретнеме.
Двајцата министри оценија дека политичката соработка меѓу двете земји е одлична и нагласија дека економската соработка може да се унапредува иако во последниве неколку години бележи нагорен тренд и размената од 50 милиони евра е зголемена на 100 милиони евра годишно. Ги посочија енергетиката и туризмот како главни гранки во кои може да се унапреди економската соработка меѓу двете земји.
„Во делот на инвестициите има голем потенцијал, токму затоа во рамки на посетата организиравме и бизнис форум за поврзување на нашите бизнис заедници. Енергетиката и туризмот се секторите во кои очигледноможеме многу повеќе да направиме. Значајно за тоа е и повторното воспоставување на авионската линија од Скопје до Прага,“ рече Попоски.
Заеднички заклучиле дека е неопходно што поскоро да заврши политичката криза во Македонија, бидејќи е добар извор за секој кој би можел да посака да го продолжи одложувањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, како и што поскоро да се исполнат обврските од Договорот од Пржино, вклучително и одржувањето на предвремените избори.