Ситуацијата во мелничко-пекарската индустрија е крајно алармантна. Потребно е итно да се преземат одредени мерки со цел да се изнајде решение и да се спречи напливот на евтино увозно брашно кое се увезува по цена на чинење на домашната пченица која мелничарите ја купуваа во жетва од една страна, како и да се предложат на ресорното Министерство мерки кои подолгорочно би имале ефект во мелничарството. Мелничарите воедно алармираат дека доколку не им се помогне во најкраток можен рок, голем дел од нив ќе ги затворат своите објекти или нема да можат да откупуваат оваа година, со што директно ќе бидат погодени и домашните производители на жито, како и дека голем дел од вработените ќе бидат отпуштени.
Во меѓувреме одредени мерки, пред сè од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство беа преземени сè со цел да се намалат трошоците на домашните компании и да се зголеми нивната конкурентност на домашниот пазар.
Ова беше истакнато на денешната седница на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, на која заедно со примарните производители, се водеше расправа за актуелните состојби во оваа гранка.
Согласно Законот за рурален развој и Правилникот за испитување на квалитет на пченица и брашно, компаниите се должни да обезбедат анализа од акредитирана лабораторија пред брашното да биде пуштено на пазарот. Во 2014 година се акредитираше „Кадино Индустри Груп“ за испитување на брашно, додека минатата, 2015 година, „Мак Млин“ -Чешиново за испитување квалитет на брашно и пченица.
На состанокот претставникот на домашните производители на лебно жито истакна дека мелничката индустрија без домашните компании не би постоела и затоа тие ги поддржуваат нивните барања. Денес во Република Македонија опстанаа само уште пченицата, оризот и тутунот и мора да се изнајдат итни решенија со цел да не се изгуби и оваа култура, како репата и сончогледот.
По обемната расправа беше одлучено:
1. Итно преземање мерки со цел да се заштити мелничката индустрија со што индиректно ќе се заштитат и домашните земјоделци.
2. Да се спроведува донесениот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет сè додека АХВ не даде дозвола по добивање на анализите за квалитет од акредитирана лабораторија.
3. Да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач по класи на квалитет. Со тоа нашата пченица би имала конкурента цена во опкружувањето, а исто така и мелниците конкурентно брашно. Со тоа би се стопирал увозот на брашно, односно би се зголемил извозот. Истото што на некој поразличен начин го прави и Србија.
4. Да се субвенционираат домашните мелничари во висина од 2,5 денари по килограм откупена пченица (разлика во цена помеѓу откупената домашна пченица и цената на увезената пченица).
5. Да се побара итна средба со претседателот на Владата на РМ со цел да се изнајде трајно решение за домашните мелничари, но и производители на пченица.
На прес – конференција пред преставници на медиумите, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија и Ефтим Шаклев, претседател на Федерацијата на фармери ги соопштија донесените заклучоци и одговараа на бројни прашања на новинарите.
Васко Ристовски