СВР-Скопје поднесе кривична пријава против А.М.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил пет кривични дела од кои четири “тешки кражби“ и едно кривично дело “разбојништво“. Исто така кривично се пријавени уште три лица од Скопје кои заедно со првопријавениот учествувале во дел од делата – Б.Л. (23) извршил две кривични дела “тешки кражби“,Ш.И.(27) и Р.Ш. (24) извршиле по едно кривично дела “тешка кражба“.
Од страна на Судија на претходна постапка на првопријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека за останатите тројца одредена им е мерка одземање на патните исправи и задолжително јавување на надлежен орган.
Кривичното дело “разбојништво“ првопријавениот А.М. го извршил на 03 -ти минатиот месец во раните утрински часови на подрачје на Бит Пазар, на тој начин што откако се качил во такси возило од бул. „Јане Сандански“ испред ТЦ „Капитол“ се упатил кон ул.„159“ и кога стигнале на наведената улица пријавениот наместо да плати со сериозни закани по животот и здравјето му се заканил на оштетениот ставајќи му пиштол во пределот на стомакот и од пепељарата одземал 3.000 денари по што излегол од колата и со трчање го напуштил местото на настанот. Украдените пари А.М. ги потрошил за лични потреби.
Првото кривично дело тешка кражба, пак, А.М. го извршил заедно со Ш.И. на 23-ти минатиот месец во раните утрински часови, во Кафе Бар на подрачјето на населба Чаир. Откако виделе дека нема да бидат забележани од никого пријавените со употреба на штрафцигер и физичка сила насилно ја отвориле влезната врата и влегле во објектот од каде што одзеле еден лап топ и телевизор по што го напуштиле местото на настанот.
Второто и третото кривично дело А.М. заедно со Б.Л. ги извршиле во период од 02 до 09. овој месец во попладневните часови во станови на подрачјето на населбата Центар. Двете кривични дела се извршени на идентичен начин – откако виделе дека нема да бидат забележани од никого пријавените со прекачување на терасите и со употреба на штрафцигер и физичка сила насилно ги отвориле балконските врати и влегле внатре од каде што во првиот случај одзеле еден лап топ, фото апарат, мини Ајпод, една златна бурма и телевизор, а во вториот случај одзеле еден лап топ и еден женски рачен часовник, по што го напуштиле местото на настанот.
Четвртото кривично дело тешка кражба А.М. го извршил заедно со Р.Ш. на 09-ти овој месец во времето од 14,00 до 16,00 часот во куќа лоцирана на подрачјето на населба Чаир, каде што идентично како и при претходните кривични дела со употреба на штрафцигер и физичка сила насилно ја отвориле влезната врата и влегле внатре од каде што одзеле еден телевизор по што го напуштиле местото на настанот.
Пријавените со извршувањето на кривичните дела се здобиле со противправна имотна корист од околу 229.256 денари. Врз основа на претходно добиена судска наредба бил извршен претрес во домовите на пријавените Б.Л. Ш.И. и Р.Ш. и со потврди одземени се дел од украдените предметите и истите се вратени на оштетените.