Со грантови од по 600.000 денари државата стимулира отворање приватни градинки. Со огласот што го објави денеска Агенцијата за вработување се предвидува распределба на средства за отворање 10 приватни градинки. Се очекува да бидат отворени 40 до 50 нови работни места и дополнителни капацитети за згрижување на 400 до 500 деца.
Огласот ќе биде отворен 20 дена. Во центрите на Агенцијата за вработување можат да се пријават физички и правни лица, а приоритет ќе имаат невработените активни баратели на работа.
„Оние кои ќе ја искористат финансиската поддршка од 600 илјади денари ќе бидат обврзани да имаат најмалку четири вработувања и капацитет за згрижување на најмалку 40 деца, со што очекуваме оваа мерка да влијае за отворање 10 приватни градинки и создавање дополнителен капацитет за 400 до 500 дечиња, како и да бидат отворени помеѓу 40 и 50 нови работни места,“ рече на прес-конференција дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Може да се аплицира со сопствен деловен објект или со изнајмен за кој треба да има договор за најмалку три години. По добивање на грантот во наредните три години Агенцијата за вработување ќе врши мониторинг дали се врши дејноста за која се доделени средствата.
„Откако ќе бидат примени сите апликации ќе направиме нивна евалуација дали се издржани, ќе видиме во кои објекти ќе ја вршат дејноста и на крајот ќе потпишеме договор со тие што ги исполнуваат условите што се наведени во огласот,“ рече директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Според Спасов, приоритет ќе имаат пред се невработените лица, а потоа и правните субјекти заинтерсирани за отворање детски градинки во општини или населени места каде нема градинки. – Ќе се рангираат зависно од бројот на апликации и од интересот, нивниот бизнис план и локацијата каде што ќе биде детската градинка, наведе Спасов, потенцирајќи дека за приватните ќе важат стандардите за јавните градинки утврдени со Правилникот на ресорното Министерство во однос на бројот на вработени, квадратурата на објектот, бројот на простори, опременоста…
Со поволностите за стимулирање отворање приватни градинки што ги усвои Владата во септември 2013 година, како што рече Спасов, бројот на вакви капацитети за згрижување деца е зголемен од 10 на 25, а отворени се и шест приватни центри за ран детски развој. Поволностите важат уште, а со нив е предвидено почетна цена од евро за метар квадратен за градежно земјиште за приватни детски градинки, намалување за 95 проценти на комуналните такси за изградба на вакви објекти поволни кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот, приоритет во користењето на мерките за вработување…