Со поддршка од глобалниот еколошки фонд ќе се реконструира основното училиште во Требеништа

Општина Дебарца во соработка со Здружението на граѓани Проактива од Скопје во месец јануари започнаа со реализација на проектот „Енергетски ефикасна општина – 4. дел“.

Главната цел на проектот е преземање на енергетско-ефикасни мерки со цел намалување на загадувањето на животната средина со стакленичкиот гас СО2, а конкретни цели се:

· Намалување на емисијата на јаглерод двооксид од јавните објекти во Општината Дебарца.

· Намалување на трошоците за енергија во јавните објекти во Општината Дебарца.

· Теоретска и практична обука на локалното население за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Периодот на реализација е 15 месеци, додека вкупниот буџет изнесува US$ 54.459 од кои US$ 24.574 се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а останатите се учество на Општина Дебарца и ЗГ Проактива.

Како што велат од општината, се очекува заштеда од околу 17 тони СО2/година и соодветна заштеда од 120.000 МКД/година кои ќе бидат инвестирани во следни локални еколошки проекти.

Предвидените енергетско-ефикасни мерки ќе опфатат промена на прозорците и вратите, како и замена на постојното осветлување со енергетско-ефикасно осветлување во објектот на ПОУ Дебарца – с. Требеништа и општинската зграда во с. Белчишта, велат од општината.  Покрај тоа, во Општина Дебарца ќе се одржат и теоретски и практични работилници и ќе се диструбуираат едукативни материјали.

ЗГ Проактива започна со реализација на програмата „Енергетски ефикасна општина“ во 2006 година, а досега успешно беа спроведени проекти во општините Јегуновце, Шуто Оризари и Центар.

SvKlimentOhridski_Trebenista_01 SvKlimentOhridski_Trebenista_02 SvKlimentOhridski_Trebenista_03