Нема притвор за Јанкулоска и Божиновски

Судија на претходна постапка го одбил предлогот на Специјалното јавното обвинителство и не им одредил притвор на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и на генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, осомничени во акцијата „Титаник“.

Јанкулоска, Божиновски и уште две лица вчера беа на распит пред судија на претходна постапка од одделот за организиран криминал и корпуција при Основниот суд Скопје 1.

Со ова, судот ги одби сите барања на СЈО за притвор на осумтемина осомничени во првата акција на Катица Јанева.

„Пред судија на претходна постапка од одделот за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска на сослушување се јавија лицата Г.Ј., К.Б., К.Т. и Н.В. за кои Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации поднесе предлог за определување мерка притвор за обезбедување присуство заради непречено водење на кривична постапка. По сослушување на лицата во присуство на нивните полномошници, судијата на претходна постапка, во законски предвидениот рок од 6 часа по завршување на сослушувањето, донесе одлука со која го одби предлогот на обвинителството“, стои во соопштението на судот.

Специјалното јавно обвинителство сега има рок од 24 часа да поднесе жалба на одлуката на судијата на претходна постапка. По жалбата, според Законот за кривична постапка одлучува Совет на Кривичниот суд составен од тројца судии.

Претходно на распит пред судија на претходна постапка беа и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој заедно со Јанкулоска и Божиновски се првоосомничени во „Титаник“, потоа И.Г., член на Општинска изборна комисија во Чаир и Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, во Албанија.

За ниту еден од нив судот не ја потврди мерката притвор што ја побара Специјалното јавно обвинителство.

За поранешните министри, генералниот секретар на владата, градоначалникот, неколку членови на општински изборни комисии и за судии во Управниот суд СЈО отвори истражни постапки за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал.

Извор: meta.mk