Посредникот во преговорите за спроведување на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, деновиве има билатерални средби со политичките партии и со претставници на здруженијата и на организациите на новинарите, со надеж да се постигне решение за реформите во медиумите. Ова е едно од клучните прашања од кои ќе зависи оценката на меѓународата заедница за тоа дали на 24 април ќе може да се одржат фер, демократски и регуларни избори.
Во пресрет на оцената, најавена е и средба со еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан. Шпекулациите, пак, се од тоа дека средбата ќе се одржи во Скопје, в петок, или, пак, дека таа ќе биде во Брисел, далеку од очите на македонската јавност.
Вчера средба со Ванхауте имале претставници на Македонската медиумска асоцијација (петте национални телевизии). Тие побарале целосна деполитизација на Агенцијата за медиуми, регулирање на авторските права, пред казнувањето да има предупредувачки мерки и рационални казни за медиумите. Предлогот за казнувањето го прифатиле и посредникот Ванхауте и дел од партиите, а само ВМРО-ДПМНЕ бара максимални казни.
ММА, исто така, побара програмите од домашна продукција да бидат поддржани од специјален државен фонд, кој ќе помогне во домашното медиумско творештво. Од барањата на ММА останува да се дискутира само за начинот на избор на советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.
Предлогот ја има поддршката на трите партии, СДСМ, ДУИ и ДПА, но сè уште се противи ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е подготвена да прифати копирање на секој закон што доаѓа од која било земја од Европа и тврди дека предлогот на Ванхауте е во прилог на опозицијата.
На средбата со премиерот Емил Димитриев на 28 јануари, пак, амбасадорите на ЕУ, Аиво Орав, и на САД, Џес Бејли, ги врачија критериумите за легитимни, слободни и фер избори, јасно ставајќи до знаење дека очекуваат целосно исполнување, а не само делови.
На таа листа има десет услови што мора да се исполнат, а меѓу нив се дека ДИК мора целосно да биде обезбедена со персонал и со финансии, а до 20 февруари да бидат завршени „првичните вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се добие добра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување, вклучително и теренските проверки“.
Тие, исто така, порачаа дека мора да постои опсежен механизам за разгледување на жалбите што ќе произлезат од прочистувањето, а ОБСЕ да ја надгледува процедурата. Следниот услов е да се постигне договор за медиумските реформи, а телевизиите да демонстрираат усогласување со законските барања за објективно и непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења.
Меѓу мерките се и доволна одвоеност на државата од активностите на политичките партии, со обврска високите функционери да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените во јавната администрација.
Извор: meta.mk