Новото издание на Правописот на македонскиот јазик денеска беше промовирано во НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје. Во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во проектот беа вклучени 48 соработници, пред сѐ, универзитетски професори од Институтот за македонски јазик, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од МАНУ и од други сродни институции.
На промоцијата се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска и промоторите академик Витомир Митевски и проф. д-р Славица Велева.
„Новото издание на Правописот на македонскиот јазик е запис за македонскиот збор, кодекс за неговата практична примена како жива јазична форма, насока, како пишаното да се изговори и изговореното да се напише. Правописот е потврда за писмената традиција на македонската почва почната во скрипторските центри на Охридската и злетовско-кратовската школа која има континуитет низ вековите за да си најде конечна форма со донесувањето на првиот Правопис на македонскиот јазик во 1945 година“ – рече Канческа-Милевска.
Денешниот настан, како што рече министерката, има исклучително значење бидејќи со него ние ја одбележуваме и 70-годишнината од издавањето на првиот Македонски правопис кој досега, под товарот на секојдневните промени што се случуваат во севкупното човеково живеење, имаше неколку дополнувања, во 1950, 1970 и 1998 година.
Министерката за култура го истакна значењето на, како што рече, многу важниот документ кој се донесе со поддршка од Владата и Собранието на Република Македонија, Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017. Во Стратегијата е детектирана потребата од ново дополнување на Правописот.
„Новото издание на Правописот не ги менува постојните правописни правила, правописната традиција воспоставена од првите составувачи на Македонскиот правопис, големите филолози Блаже Конески и Крум Тошев и нивните следбеници, но преку него македонските лингвисти соодветно одговараат на потребите на својот народ и на сите оние што се служат со македонскиот јазик, создавајќи едно современо полезно помагало кое може да користи во градењето на културата на писмената комуникација“ – потенцираше Канческа-Милевска.
Директорката Јованова-Грујовска информираше дека се работи за проширен, дополнет и осовременет Правопис, што се работел повеќе од две години, како проект на Институтот за македонски јазик, а целосно финансиран од Министерството за култура и поддржан од Министерството за образование и наука.
„Правописот претставува потсетник и учител за сите што сакаат да се служат со стандардниот македонски јазик “-рече Јованова-Грујовска.
Академик Митевски потенцира дека новиот Правопис е книга за на маса, наменет за професионалците, за лекторите, но и за секој човек.
„Писмениот човек, особено оној што пишува и твори на македонски јазик, во овој Правопис ќе си најде верен сопатник и помошник во секојдневната работа, често исправен пред дилеми. Од типот дали едно нешто да го напише како што свикнал со години или можеби греши, бидејќи нештата во меѓувреме се промениле“ – рече Митевски.
Со овој Правопис, како што рече, нашите лектори добија ново, моќно и модерно оружје со кое ќе ги бранат стандардите на македонскиот јазик, правопис и правоговор.
Според професорката Велева, овој Правопис ги научил дека како македонисти може да се работат проекти со 48 автори, специјалисти од својата област.
„Овој Правопис треба да се отвори и да се види што суштински е подновувањето. Сето она што ни беше дилема, проблем и како македонисти не можевме да го решиме, овде авторите и редакцијата се обидуваат да го разрешат, даваат предлог. Мора да сфатиме дека и Правописот и Толковниот речник и сите овие капитални изданија во суштина се само една отворена книга. Обврската на македонистите е јазикот да не го конзервираме затоа што на тој начин ниту ги следиме стапките на Крсте Мисирков, ниту на Блаже Конески“ – потенцираше Велева и додаде дека за современ јазик треба да се слуша духот на народот кој го говори.
На промоцијата присуствуваа архиепискот охридски и македонски г.г. Стефан, проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Влатко Стоилов, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик-минстерот за образование и наука Спиро Ристовски, академици, професори, студенти…
Правописот на македонскиот јазик може да се набави во Институтот за македонски јазик, а ќе го има и на претстојниот Саем на книгата.