СДСМ: Меѓународната заедница потврди дека нема услови за избори на 24-ти април

Меѓународната заедница денеска го потврди она што СДСМ го говори цело време: на 24-ти април нема услови за слободни, фер и демократски избори, велат од СДСМ.

„Денеска Никола Груевски не собра храброст да се соочи со вистината дека нема услови за фер и демократски избори.

Оценката на Европската унија и САД дека во овој момент потребните услови за организирање на кредибилни избори на 24 ти април не се исполнети и констатацијата дека се уште не е постигнат договор за реформи на медиумите е директна потврда на она што граѓаните веќе го знаат.

Не се создадени услови за фер избори на 24-ти април, се додека не се прочисти избирачкиот список и нема реформи во медиумите.

Уште еднаш се покажа, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се единствените коишто од самиот почеток го кочеа процесот на имплементација на Договорот од Пржино.

Граѓаните сега со право очекуваат да се исполнат сите услови за фер и демократски избори преку навремено прочистување на Избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите.

Правото на слободни избори и демократски изразеното право на глас на секој граѓанин во Република Македонија мора да биде обезбедено и гарантирано.“– се наведува во соопштението на СДСМ.