Делегацијата на Европската унија (ЕУ) и на амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Македонија денеска, како што е најавено, треба да ја соопштат оцената за тоа дали се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април.
Првично, оцената ЕУ и САД требаше да ја соопштена вчера, но, како што информираа од амбасадите, било направено одлагање на барање на партиите потписнички на Договорот од Пржино.
Белгискиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте, синоќа на својот твитер-профил напиша: „Се работи за ефективни преговори. Се предавам: Нема избори на 24 април“.
http://twitter.com/peter_vanhoutte/status/701161864449888256/photo/1
Амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли, на крајот на јануари по средбата со техничкиот премиер Емил Димитриев, соопштија дека на 19 февруари ќе биде дадена оцена за тоа дали се исполнети условите за одржување на фер и веродостојни избори на 24 април.
Исто така, беше најавена посета на еврокомесарот Јоханес Хан за средината на овој месец, но засега нема информации кога и дали таа посета воопшто ќе се случи.
Засега е неизвесно дали ќе продолжат преговорите на работните групи на партиите за реформите во медиумите, откако нивната средба во четвртокот заврши без постигнат договор. При заминувањето од Клубот на пратеници Ванхауте рече дека тоа ќе влијае на конечната оцена на ЕУ и на САД.
Извор: meta.mk