Презентација на „Купи куќа за млади“ во Охрид

Министерството за финансии и општина Охрид на 24-ти февруари (среда) во големата сала при општината со почеток во 17 часот ќе одржат јавна презентација на проектот „Купи куќа за млади“. На средбата ќе се дискутира кои се условите за купување куќа и каде младите може да најдат државни плацеви.

На средбата меѓу другото ќе стане збор и за понудата на плацеви за таа намена во Охрид, оние кои во моментот општината ги има предвидено за таа намена или кои ќе ги понуди во блиска иднина.

Се покануваат сите заинтересирани граѓани во среда да земат учество на настанот затоа што ќе имаат можност директно да поставуваат прашања поврзани со проектот и веднаш да добијат одговори.

Проектот „Купи куќа за млади“ субвенционира кредит за изградба на куќа така што исплаќа 80 отсто од ратата осум години и 50 отсто од ратата следните три години, или субвенционира 100 отсто од учеството.