Нови петнаесет монографии од едицијата „Македонски дејци“, посветени на личности од македонската историја кои од разни причини останале помалку познати за јавноста, денеска беа промовирани во Музејот на македонската борба.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната промоција, рече дека оваа едиција на монографии има непроценливо значење затоа што придонесува кон чувањето, конзервирањето и промоцијата на историските и културните вредности што се наследени од минатото.
„Монографиите напишани од еминентни македонски професори и историчари ја откриваат вистината за ликот и делото на многу македонски идеолози, револуционери, учители и водилки на овдешниот народ низ долгиот и трнлив пат, минат за слободна и независна Македонија. Личности кои во најголем дел ја доживеале судбината за нив да не се зборува, да не се пишува и да не се истражува, иако го заслужуваат спротивното, да бидат трајно врежани во колективната меморија на народот, а нивните дела да се раскажуваат и прераскажуваат како големи дела за паметење“, рече Ристовски.
Со денешните дела, нагласи Ристовски, досега се промовирани 20 монографии, а преостануваат уште други 20-тина монографии. Тој, исто така, се заблагодари на авторите за вложениот труд и личниот придонес кон севкупното македонско образование и творештво, нагласувајќи дека Министерството ќе продолжи со поддршка на проектите кои имаат за цел промоција на македонската историја.
Според директорот на Државниот архив на Македонија Филип Петровски, оваа едиција е монументална бидејќи се она што е пропуштено, намерно замаглено, идеолошки негирано, бришено и подложено на пропаганда сега се исправа.
Професор Никола Жежов во името на групата автори на промоцијата рече дека станува збор за една несекојдневна збирка на книги, монографии кои се однесуваaт на личности од македонското револуционерно движење и првпат од ваков обем во македонската историографија.
„Изборот на личности е така направен да се обработуваат и да се пишува за дејци, револуционери за кои досега не се пишувале монографии во македонската историографија или доколку тие потекнуваат од периодот пред 90-тите години на минатиот век,“ истакна Жежов, додавајќи дека монографиите се напишани со стручна методологија, општо прифатена од македонските историчари.
Проектот „Македонски дејци“ на Филозофскиот факултет од Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука, почна да се реализира во 2013 година по повод одбележувањето 120 години од основањето на Македонската револуционерна организација. Целта на проектот е да се расветли делото, придонесот и стремежот на некои македонски дејци за македонска држава.