Заев: Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски

Обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев:

„Почитувани граѓани,

Полноќната одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за одложено распуштање на Собранието, е уште еден пораз на Никола Груевски.

После сите лаги, измами, инаетења, со денови криење од јавноста, Никола Груевски ја призна својата лична одговорност: нема услови за слободни, фер и демократски избори на 24-ти април.

Со кршење на Договорот од Пржино, одбивање на реформите за слободни медиуми и прочистувањето на Избирачкиот список, лажниот патриот Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ја втурнат Македонија во драматична криза.

Потврдата од ЕУ и САД, меѓународните гаранти на Договорот од Пржино, дека не се исполнети условите за фер избори и одложената одлука за Резолуцијата во Европскиот парламент, покажуваат колку само слободните избори се значајни за иднината на Македонија.

Груевски сакаше да ја вовлече Македонија во сериозна меѓународна изолација и длабока внатрешна криза, со единствена цел, заштита на криминалот и корупцијата на фамилијата.

Никола Груевски се плаши од слободни и фер избори, затоа што знае дека ќе ги изгуби.

На сите им е јасно:

Никола Груевски не може да ја држи Македонија во заложништво.

Пред само еден час ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека нема поместување од датумот, 24-ти април.

Вечерва се потврди, Ви реков, се случи: Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски. Тој е минато.

Во Македонија мора да има и ќе има, слободни, фер и демократски избори.

Избори со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми на коишто сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат.

Во Македонија мора да се избере нова Влада, со полн легитимитет, за решавање на сериозните проблеми и враќање на Македонија на европскиот пат.

На фер избори СДСМ ќе ја преземе одговорноста којашто ќе и ја дадат граѓаните.

Промените доаѓаат на слободни, фер и демократски избори, на коишто ќе победат граѓаните, СДСМ и европските вредности!“- рече Заев.