Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ денеска оствари работна средба со амбасадорката на Бразил, Ана Марија Сампајо Фернандез. Главниот фокус на разговорот беше во насока што поскоро да почнат преговори за потпишување билатерална спогодба меѓу двете земји…
На состанокот беше дискутирано за досегашните заложби на двете земји за афирмација на богатото културно наследство. Во тој контекст, на средбата беше потврдено дека во областа на културата постои заемен интерес за унапредување на културната соработка меѓу Бразил и Република Македонија преку потпишување билатерални документи, како и преку размена на бразилски и македонски уметници, културни манифестации и фестивали.
Реализацијата на оваа средба претставува значаен импулс во продлабочувањето, пред сè, на билатералните односи меѓу двете земји, како и во насока на интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.
Бразилската амбасадорка на средбата го изрази своето задоволство и беше фасцинирана од богатата културна ризница на нашата земја. Во рамките на состанокот, таа истакна дека се надева дека наскоро културната соработка меѓу двете земји ќе достигне особено ниво и дека во иднина со потпишување на билатералната спогодба, Македонија ќе има искрен пријател и поддржувач во реализацијата на проекти кои ќе го афирмираат културното наследство со кое располагаат двете земји.