Упокоение на Св. Кирил Солунски – Преподобен Авксентиј и Преподобен Исакиј, затворник Печерски

Денес е Упокоение на св. Кирил Солунски, празник посветен на Преподобен Авксентиј и Преподобен Исакиј, затворник Печерски.

Преподобен Авксентиј

Мошне угледен богаташ меѓу големците и дворјаните на царот Теодосиј Помладиот. Горејќи со љубовта Христова Авксентиј се замонаши и пребиваше уште недолго време во Цариград. Кога почнаа за него да зборуваат пофално, побегна од човечките пофалби и се оддалечи на една гора близу Халкидон, којашто потоа се нарече Авксентиева Гора. Не му се оствари желбата да остане таму засекогаш скриен од луѓето, зашто го најдоа овчарите и разгласија за него. И почнаа кај него да донесуваат болни за исцеление. И тој многумина ги исцели. На слеп му го врати видот, очисти лепрозни, ги помаза со елеј, подигна еден фатен и мнозина демонизирани ги ослободи од демоните. Уште поголем восхит предизвикува неговото смирение со кое ги примаше оние што ќе одведеа кај него болни заради молитвена помош. Или ќе ги помолеше присутните да застанат на заедничка молитва кон Бога за болниот, или прво ја утврдуваше верата кај луѓето па ги уверуваше дека ќе им биде според верата, или над главата на болниот изговараше: „Те исцелува Господ Исус Христос“. Сето ова го правеше само за да не му се припишува чудотворството нему, туку на Бога Кој е семоќен. Учествуваше на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон и многу силно го штитеше Православието од ересите на Евтихиј и Несториј. Господ ја зеде неговата душа кај Себе кога беше во длабока старост. Се упокои во 470 година.

Преподобен Исакиј, затворник Печерски

Живееше во времето на Светите Антониј и Теодосиј. Во манастирот дојде како богат трговец. Остави с ѐ и им раздели на сиромасите, а самиот се предаде на најстрог подвиг во заѕидана келија. Самиот Св. Антониј низ прозорчето му подаваше по една просфора секој втор ден. Опрелестен од демоните коишто му се јавија во ангелска светлина тој им се поклони ним, а потоа и на самиот сатана, уверен дека Му се поклонува на Христос. Од ова се разболе и одлежа две години, после што оздраве и стана попретпазлив и поискусен подвижник, заради што пред крајот му се даде изобилна благодат. Се упокои во 1090 година.