Заев: Заедно со граѓаните ќе го браниме Уставот

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес при неговата посета во Битола изјави:

„Најнапред да ја искористам приликата да ги поздравам битолчани, Битола и целиот битолски регион. Ние сме денеска овде, во недела посветена за младите.

Отвараме дебати за иднината на нашата младина. Без младите ни е џабе се. Најпоразителниот факт во Македонија е оваа пуста миграција, иселување. Пред се застапено помеѓу младите луѓе коишто ги напуштаат родните краишта и заминуваат по белиот свет, трудејќи се да најдат подобра иднина за себе и за нивните идни поколенија.

Но, изјавата ја давам овде, пред Офицерскиот дом, симболот по новото време на единството и заедништвото, во борбата да се спречи неговото крчмење.

Пред овој симбол давајќи ја изјавата ја испраќаме пораката до цела Република Македонија, дека граѓаните заедно, сплотено ќе го сочуваат и Уставот, што денеска е толку актуелен во обидите на власта да го врати помилувањето за изборните нерегуларности.

Следуваат многу значајни избори во Република Македонија. Покрај тоа што е важно укинувањето на овие делови од законот и да се спречи овозможување да има помилување за изборни нерегуларности коишто се случиле во минатото.

Многу важно е тоа што, со недај Боже, успешност на ваквиот чин се испраќа пораката дека секој оној кој што ќе направи нови избори измами, нови избори грабежи повторно ќе може да избегне одговорност. Тоа не смееме никој од нас граѓаните да го дозволиме.

Заради тоа што рековме, стабилноста на Република Македонија зависи од фер, регуларни и демократски избори.

Се надевам дека сите со својата одговорност ќе носиме одлуки коишто ќе бидат исклучиво во функција на интересите на Република Македонија.

Денеска со младите овде во Битола ќе ги отвориме важните компоненти каде тие ќе го димензионираат својот живот.

СДСМ во програмата којашто ја усвои во Декември месец, минатата година, значаен дел посвети на младите. Убедени дека тие се нашата иднина и дека ако успееме да ги задржиме овде младите, ако успееме да ги вратиме назад оние кои веќе заминале, сме направиле огромен исчекор и голем успех за нашата Македонија.

Ќе зборуваме за работните места, ќе зборуваме како младите после завршувањето на училиштата и нивното образование севкупно, веднаш да влезат на пазарот во трудот за да можат секако да ги носат и похрабрите одлуки, да стапат во брак, и овде да остават свои поколенија.

Така да, во времето пред коешто сме исправени верувам дека сите ќе бидеме пред се позитивно насочени кон иднината на нашата заедничка Македонија.“- истакна Заев.