Средба на министерот Спасовски со делегација на Комитетот за европски прашања на Холандскиот парламент

Денес, министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски ја прими делегацијата на Комитетот за европски прашања на Холандскиот парламент, предводена од нејзиниот претседател, Малик Азмани. Министерот Спасовски ја информираше високата делегација за актуелната политичко-безбедносна состојба во Република Македонија, со посебен осврт на бегалската криза. Членовите на делегацијата ја изразија подготвеноста на земјите членки на ЕУ да партиципираат со помош од било кој вид за потребите на Република Македонија во справувањето со последиците од кризата. Од страна на министерот Спасовски беше истакнато дека Република Македонија иако не е полноправна членка на ЕУ и истовремено соочена со крупни внатрешни политички и економски проблеми, настојува со сите свои капацитети да им помогне на земјите членки на ЕУ, но целосното решавање на проблемите мора да се бара со заедничка координација и почитување на одлуките што ги носат сите земји кои се партиципиенти во решавање на бегалската криза. Република Македонија очекува од земјите членки на ЕУ, јасни и прецизни насоки во врска со бројот на мигрантите што земјите членки на ЕУ се спремни да ги прифатат, што ќе доведе до намалување на тензиите на граничните премини, истакна министерот Спасовски.