Поради граничните рестрикции најмногу страдаат децата бегалци

Тешката ситуација на граничните премини на балканската копнена рута, особено во Македонија и Грција резултираше со илјадници деца заглавени на границите, под стрес и под ризик од влошување на здравјето и изложеност на злоупотреба, изјави УНИЦЕФ.

Во овој хаос и збрканост децата се принудени да спијат на отворено во бедни услови повеќе од една недела, без можност да се измијат и да добијат соодветна храна. Постои ризик од одвојување на семејствата, а децата со часови остануваат заглавени надвор од транзитните центри во возови без јасна крајна цел.

„Сведок сум дека мали деца на возраст под пет години се заглавени меѓу двете гранични огради,“ – рече Јаспер Јансен, теренски координатор на УНИЦЕФ во Гевгелија. „Не можат да одат ниту напред, ниту пак да се вратат назад – неопходно им е засолниште и одмор и треба да знаат што ги чека понатаму.“

Со оглед на брзите промени во состојбата околу граничните транзитни центри во Македонија, УНИЦЕФ ја зајакнува помошта. Дел до активностите опфаќа обезбедување пристап до вода и санитарни објекти, особено за децата и бебињата, и достава на средства за лична хигиена и храна како помош за децата и нивните семејства полесно да се справат со овие истоштувачки услови.

УНИЦЕФ го повтори својот повик за обединет, координиран пристап на сите држави што се наоѓаат на примарните транзитни рути и на земјите на крајна дестинација. Ниедно дете не смее да ја помине ноќта на отворено без пристап до основни услуги.