Откриена царинска измама и запленети марихуана, тутун, делови за возила, лајтшоу и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама, еден обид за криумчарење марихуана и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани тутун, цигари, облека, гуми за патнички возила, делови за градежни машини, лајт-шоу и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Марихуана, тутун и цигари

– околу 16 грама марихуана, откриени при контрола на холандски џип со приколка, управуван од холандски државјанин пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. При извршената контрола, пред совозачкото седиште, во една хартиена кеса со отпадоци, била пронајдена најлонска кеса со 18 пластични епрувети, со бруто маса од 72 грама, полни со непозната материја, која при извршеното тестирање реагирала на тестер за марихуана. По наредба од јавен обвинител извршено е вештачење на непознатата материја од растително потекло со кое се утврди дека истата преставува опојна дрога марихуана помешана со тутун со вкупна маса од 15,93 грама.Осомничениот марихуаната ја купил од „кофи шоп“ во Холандија во рефус, самиот ја завиткал во „џоинти“ и истите ги сместил во пластичните епрувети заради транспорт.

Царинската управа до Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, а осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во Основниот суд Велес.

-90 килограми режан тутун, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот тутун е пронајден во повеќе најлонски кеси, сместени на помошниот кревет и во фабрички прегради во кабината на возилото. Тутунот е привремено задржан а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 11 штеки цигари марка LM, OME, MAHIMи Winston, без акцизни маркички, откриени при контрола на турски камион, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени под седиштата и под креветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Облека

– 300 детски фустани, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена кај надвозникот пред с.Арачиново. Непријавените производи, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 52 машки кошули од памук, откриени при контрола на стока со потекло од Германија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Штип. Кошулите, што не биле опфатени со увозната царинска декларација и придружните документи, се привремено задржани, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 315 женски блузи од вискоза, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два албански автомобили, управувани од албански државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во едниот случај, во патна торба биле пронајдени 170 блузи, а во другиот случај исто така во патна торба биле пронајдени 145 блузи. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Гуми за патнички возила и делови за градежни машини

– 18 употребувани гуми за патнички возила, откриени при контрола на празен македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Гумите, пронајдени во кабината, покриени со чаршав, и во товарниот дел на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 вратило и 1 запчаник за багер HITACHI, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените делови, пронајдени во картонска кутија сместена под задните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Техничка стока

– 1 расветно тело за дискотека-лајтшоу марка ,,F.A.L. PF 4030 Galactika, откриено од страна на мобилните царински тимови, при контрола на швајцарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената стока, пронајдена над задните седиште, покриена со торби и куфери, е привремено задржана, а против возачот е поденесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 1.548 пара влечки и патики со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Пазарната вредност на сомнителните обувки е проценета на околу 974 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

– 1.300 пара влечки и патики со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1. Пазарната вредност на сомнителните обувки е проценета на околу 2 милиони денари, доколку би се продавале како оригинали.

Царинска измама

Во царинската испостава Скопје 2 е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока. Увозник од Велес пријавил за увозно царинење растеглива фолија, распоредена во тарифна ознака со стапка за ДДВ од 5%. По извршената физичка контрола на стоката е констатирано дека се работи за растеглива фолија која треба да се распореди во тарифна ознака со пропишна стапка за ДДВ од 18 %. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 262 илјади денари.