Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати Честитика до поглаварот на МПЦ – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, до Синодот и претставниците на МПЦ, до сите граѓани кои го чествуваат денешниот голем христијански празник Велики поклади – Прочка.
„На вас и на сите граѓани кои денеска чествуваат Велики поклади – Прочка, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое име, го честитам овој голем празник на духовно помирување и простување и пожелувам сите да го поминеме спокојно, во лична харомонија, со своите најблиски и семејствата.
Историјата бележи низа индивидуални и колективни искушенија кои биле надминати благодарение на мудрите, вистинољубиви, правдољубиви граѓани кои покажале храброст со своето трпение, разбирање, толеранција, мудрост, искрена отвореност кон проблемите да дојдат до решение и спасение.
Денес кога се загрозени основните човекови вредности и права, генерациите на денешницата се пред уште едно големо искушение за надградба на потребната лична и општествена зрелост.
Повикувам да продолжиме по патот по којшто заедно и успешно тргнавме, да ги прекинеме до крај наметнатите поделби по каква било основа, да си подадеме рака: родители и деца, браќа и сестри, соседи и пријатели, без разлика на нашите верски, национални, политички или какви било други убедувања.
Тоа имаме обврска да го направиме како луѓе, почитувајки ја сопствената совест, којашто меѓу другото `не упатува на солидарност кога е во прашање одбраната на човековите права и одговорности.
Имајте убав празничен ден“.- стои во честитката.