Општина: Часовникот на ВМРО- НП е застанат во време кога „силна“работа било да се прават енормни долгови и огромни штети за Охрид

Во врска со денешното соопштение на ОК на ВМРО-НП Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:

„Стана пракса, после секоја седница на Советот на општина Охрид, партиите од опозицијата да се јавуваат со соопштенија во јавноста, иако на самата седница имале можност да ги изнесат своите ставови и гледишта за состојбите во градов.

Замислете, денес со соопштение се јавува ВМРО-НП која во минатото како дел од владејачкото мнозинство сериозно влијаеше во носењето на голем број штетни одлуки за Охрид во сите сфери од општественото живеење. Оттука, одговорноста за лошите и погубни политики на минатото локално раководство подеднакво е и нивна.

Немаа сила на вчерашната седница на Совет да се соочат со повеќе од 900. 000 евра директни пари за образование во Охрид , не можеа да се изначудат за интервенциите во четири основни и две средни училишта како и отворањето на групи во посебни просторни услови во рамки на ЈУДГ „Јасна Ристеска“, и тоа само во 2015 година, и не можеа да се соочат со фактот што се прават огромни заштеди на ставката за превоз на ученици и нафта за потребите на средните и основни училишта во Охрид па затоа денес одлучиле неосновано да коментираат.

На ВМРО- НП им благодариме и за грижата што ја водат за ОУ „Григор Прличев“, но ги потсетуваме дека тоа требаше да го прават многу порано кога впрочем раководеа со градот, кога со факти и аргументи имаа законска можност низ судскиот систем на Р. Македонија да ја оспорат одлуката за ова училиште и така ќе овозможеа најлесно решавање на овој проблем. И по ова прашање, градоначалникот Бакрачески вложува максимални напори за негово решавање користејќи ги сите расположливи законски средства и притоа овозможувајќи нормално одржување на наставата, но за решавање на овој проблем потребна е согласност и волја од двете страни.

Часовникот на ВМРО- НП е застанат во време кога „силна“работа било да се прават енормни долгови и огромни штети за градот Охрид па токму затоа за нив е нејасно домаќинското работење на локалната власт предводена од градоначалникот Никола Бакрачески кои што за разлика од нив посветено работат за средување на состојбите во сите сфери од општественото живеење.“- стои во реакцијата.