Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од претставникот на преговарачкиот тим на СДСМ, Роберт Поповски денеска се сретна со претставници Здружението на новинари на Македонија, Институтот за комуникациски студии и Високата школа за новинарство, Независниот синдикат на новинари, Советот за етика и Македонскиот институт за медиуми.
Тема на средбата беа неопходните реформи во медиумите во Македонија.
„Сегашниот систем на медиумска пропаганда и на манипулации во информирањето мора да биде срушен поради тоа што е корумпиран и недемократски, им штети на професионалното новинарство и на правото на граѓаните да бидат објективно информирани,“ рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој додаде дека прашањето за реформи во медиумите не е само обврска што произлегува од Договорот во Пржино и од Извештајот на Прибе, туку децидно ја бара и Европската унија во Извештајот за Македонија, меѓу условите за продолжување на евроинтеграцискиот процес на земјава.
„За иднината на Република Македонина во моментов нема ништо поважно од фер, регуларни и демократски избори. Нема кредибилни избори без медиумски реформи“, рече претседателот Заев.
На средбата се разговараше за потребните медиумски реформи, при што е посветено внимание на ставовите на претставниците на медиумската заедница во Република Македонија, што СДСМ и сега и во иднина ќе ги зема предвид.
„Неопходно во овој процес, во функција и на фер и кредибилни избори, е департизација и професионализација на советите на Агенцијата за медиуми (АВМУ) и на јавниот сервис МРТВ, коишто се сега партиски испостави на актуелната власт, преку учество на експерти“ соопшти Заев на попладневната средба.