Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска претседаваше со конститутивната седница на Одборот за одбележување на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.
На средбата присуствуваа членовите на одборот меѓу кои: заменик-министерот за образование, градоначалникот на општина Охрид, претседателот и претставници на МАНУ, ректорот на универзитетот „Св.Климент Охридски” – Битола, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски” – Скопје и други претставници на државни институции.
Денешната седница претставува координација на институциите-носители и организации кои се вклучени во активностите за реализација на настани по повод одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски, кое годинава ќе биде на државно ниво.
На конститутивната седница се разгледаа предлог-активностите и културните настани кои ќе бидат посветени на животот и делото на овој голем македонски просветител. Во тој контекст, претседателот Иванов беше информиран за подготовките кои се во тек, како и за иницијативите на институциите-носители на активности за одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски. Воедно, на средбата беше утврдена програма за чествување на овој значаен јубилеј, која содржи бројни научни собири, ликовни изложби, културни манифестации и симпозиуми.
Одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски е вклучено во Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2016 година. Носители на одбележувањето се претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола.