Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “фалсификување пари“ и ”лажно пријавување на кривично дело”, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.М.(61) од Охрид.
Пријавениот, во јули минатата година, со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавил лажни пари со намера да ги пушти во оптек како вистински. Тој прибавил една фалсификувана банкнота од петстотини денари со сериски број ВЕ 1513779 која се обидел, како вистинска да ја пушти во оптек во една пекара но и на неколку други места во Охрид.
На деветти август минатата година, пријавениот се обидел со фалсификуваната банкнота да плати гориво на една бензиска пумпа. Притоа, од страна на вработените му било кажано дека банкнотата е лажна и дека ќе мора да го пријават во СВР Охрид. Пријавениот Д.М. не се согласил делото да биде пријавено од нивна страна туку самиот дошол во СВР Охрид. Тој на полициските службеници им кажал дека банкнотата ја добил од касиерката во еден маркет каде претходно бил на пазарење и незнаејќи дека е лажна, со банкнотата од 500 денари единствено се обидел да го плати горивото на бензиската станица.
Банкнотата е испратена на вештачење, при што со записник и експертиза, стручната служба на Народната банка на Република Македонија го потврди фалсификатот.