Промовирана публикацијата „АРМ – 12 години амбасадор на мирот“

„Армијата на Република Македонија се докажа како најцврстиот чувар и гарант на независноста и самостојноста на нашата држава. Дванаесет години Армијата беше своевиден амбасадор на мирот на меѓународната мировна мисија на НАТО во Авганистан, под назив ИСАФ“, рече министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната промоција на публикацијата „АРМ – 12 години амбасадор на мирот“ во Музејот на македонската борба.

Министерот Јолевски додаде дека успешното завршување на мисијата ИСАФ беше повод Министерството за одбрана да ја подготви публикацијата со која се оддава признание на сите припадници на Армијата кои ја претставуваа Република Македонија во една од најголемите меѓународни коалиции на НАТО.

Пред присутните пратеници во Собранието на Република Македонија, претставниците од извршната власт, началникот на Генералштабот, генералот Величковски како и воено – дипломатскиот кор во Република Македонија, директорот на Воениот музеј посочи дека станува збор за издание со текст и 56 автентични фотографии од архивата на Министерството и АРМ.

Армијата на Република Македонија од 2002 година учествува во меѓународни мировни мисии, од кои најголем дел во мисијата ИСАФ во Авганистан. Придонесот кон глобалниот мир, безбедност и демократија продолжува со учество на 39 припадници на Армијата во новата мисија на Алијансата во Авганистан,„Одлучна поддршка“, но и со учество во операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, мисијата УНИФИЛ во Либан и логистичката поддршка на силите КФОР на Косово.