Со свечена пригода, денес градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, ги стави во употреба целосно реконструираните и асфалтирани улици „Мича Гилиќ“, „Сатеска“ и „Трајче Трајчески“. Реконструкцијата опфати изградба на нов систем за одведување на атмосферски води со колекторот и испусна градба. Ваков систем за прв пат е поставен во овај дел, а неговото непостоење претходно беше главна причина што при поголеми врнежи од дожд се поплавуваа улиците и околните куќи. Сега тој проблем е надминат. Атмосферската канализација е во вкупна должина од 1 287 метри.
„Претходно овие улици беа во лоша состојба, со пропаднат асфалт на кој имаше прекопи и дупки кои го отежнуваа нормалното сообраќање и движење на пешаците. Најлошо од се е што претходно поради непостоење на атмосферска канализација при врнежи од дожд се поплавуваа не само улиците туку и околните куќи. Но го решивме и овој горлив проблем. Пред реконструкцијата односно асфалтирањето за прв пат тука е изграден нов систем за собирање и одведување на атмосферски води со колектор и испусна градба. Атмосферската канализација е со вкупна должина од 1 287 м. Од оваа должина 1 004 м се изградени на улиците: „Мича Гилиќ“ „Трајче Трајчески“ и „Сатеска“. Во рамки на проектот изградени се 40 шахти, 40 сливници, испусна градба и колектор со должина од 283 метри со дијаметар од 600 мм,“ изјави градоначалникот Бакрачески.
Оштетениот асфалт, лошата состојба и дупките беа горлив проблем на жителите од овие улици на кои им беше отежнато движењето по нив. На трите улици се постави целосно нов асфалт и се изградија тротоари, со што по цели 30 години добија нов лик. Вкупната асфалтирана површина изнесува 4 669 м2, а уредени се тротоари во должина од 1 049 м2.
„Секако за реализација на овие два проекти многу значајна беше поддршката што ја добивавме од Владата на Р. Македонија и Светска Банка. Реконструкцијата односно асфалтирањето на трите улици е со вредност од 6. 244. 089. 19 денари, а вредноста на проектот атмосферската канализација е 9. 941.986.71 денари. Денес се радувате вие, почитувани жители на Воска, утре жителите од некој друга охридска населба затоа што ние во континуитет реализираме проекти во различни делови од Охрид кои го подобруваат животот на нашите сограѓани. Работиме на подобрување на патната инфраструктура, градиме патишта , тротоари и кружни текови. Охрид се разубавува а задоволството на охриѓани од реализираните проекти ни дава сила да продолжиме понатака во креирање подобри услови за живот на сите нас“, додаде градоначалникот Бакрачески.
Со целосната реконструкција и асфалтирање на овие улици се реализира уште едно ветување што градоначалникот го даде пред охриѓани.
„Кога пред три години ја барав довербата од Вас, почитувани жители на населбата Воска, ветив дека ќе ја изградам улицата „Сатеска“. Го исполнивме ветеното но изградивме и многу повеќе од тоа, не една туку три улици во ова населено место“, заврши градоначалникот Никола Бакрачески.
Во наредниот период ќе бидат ставени во употреба и други инфраструктурни проекти чија реализација е при крај.