„Госпоѓиците од Авињон“ од Сашо Димоски, „Најденко во магичниот круг“ на Татјана Гогоска и „Лична Ангелина (Чувари на честа)“ на Загорка Поп-Антоска Андовска се најдобри на конкурсот за откуп на драмски текстови, кој Министерството за култура го реализира втора година по ред. За откупените текстови Министерството за култура ќе им додели надомест на авторите во нето износ од по 100 илјади денари.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција информира дека на новиот конкурс за откуп на драмски текстови, објавен на 1 октомври 2015 година, пристигнаа 39 драмски текстови на македонски автори, но и млади писатели кои се дебитанти или се уште не се доволно афирмирани на македонската театарска сцена. Најдобрите драмски текстови ги одбра Комисија во состав професор д-р Јелена Лужина (претседател), Снежана Коневска-Руси и Илбер Муртези (членови).
„Драмската дејност е еден од приоритетите во културната политика на Министерството за култура. Покрај голем број стимулативни мерки кои ги воведовме, согласно Националната стратегија, успеавме да ги унапредиме состојбите во сите области во културата“, рече Канческа-Милевска. Додаде дека буџетот за драмска дејност во рамки на Годишната програма на Министерството за култура се зголеми за цели 10 милиони денари.
Министерката за култура потсети дека во нашата држава се реализираа инфраструктурни зафати преку кои се изградија и се градат голем број на театри, а во театрите се реализираа и голем број вработувања, на околу 35 актери, 22 режисери и 22 драматурзи.
Таа потсети дека минатата година, кога првпат беше објавен овој конкурс, беше реализиран откуп на три драмски дела на авторите Љупчо Јованов, Рефет Абази и Весна Куслеска. Избраните текстови на овој конкурс беа промовирани на 50-то јубилејно издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Најави дека овие дела ќе се публикуваат и во печатено издание преку кое ќе станат достапни до сите заинтересирани театарски установи, продуценти, режисери и уметници кои понатаму би ги поставиле делата.
Претседателот на Комисијата за избор на драмски текстови Лужина информира дека се потрудиле да го исчитаат целиот материјал кој пристигнал на конкурсот. Од вкупно 39 драмски текстови, констатирале дека два не спаѓаат во драмските текстови.
Сашо Димоски со „Госпоѓиците од Авињон“, како што рече, направи најмалку еден чекор од својата досегашна драматуршка матрица и понуди еден текст со неверојатна свежина и неверојатна упатеност.
Лужина истакна дека Димоски тргнува од сликата на Пабло Пикасо, на која се претставени пет жени, куртизани и една мртва природа.
„Тој по пат на постдрамската театарска постапка ја деконструиа на драмски начин сликата на Пикасо. Од тие пет жени, четири се вистинските, автентични, историски кои патуваат низ животот на Пикасо. Петтата жена е со фиктивно име и за неа авторот вели дека не се знае дали е фикација или стварност. Петтата жена е на Сашо Димоски, кој Пикасо го сведува на мува, која не се гледа, туку се слуша“, рече Лужина, која додаде дека се работи за европски текст.
За текстот „Лична Ангелина“, Лужина истакна дека е беспрекорно драматуршки напишан текст, кој учествувал на повеќе конкурси и нагласи дека следен чекор би требало да биде негова сценска евалуација.
Лужина за драмата „Најденко во магичниот круг“ на Татјана Гогоска рече дека е текст за деца, коректно напишан, во јасни ликови разделен, добро организиран и со задолжителна поука.
Наградените автори упатија благодарност до Министерството за култура и до членовите на комисијата. Според нив, добро е што се става акцент на творештвото на македонските автори и им се дава местото кое го заслужуваат, покрај увозот на странски текстови.