Театарот за деца и младинци го одбележа 26-от роденден

Театарот за деца и младинци денеска одбележа 26 години постоење. Единствениот национален театар за најмладата публика почна да работи пролетта 1990-та со претставата „Силјан Штркот“ во Универзална сала изведена пред две илјади деца, а три години подоцна доби и свој простор во кој работи и денес. Оттогаш е и амблемот на овој театар – два прегрнати штрка.

Директорот на Театарот за деца и младинци Братислав Димитров рече дека прославата на роденденот е убав повод за средба и оддавање почит на сите претходни генерации кои, како што рече, својата фантазија и дарба ги вградиле во темелите на овој театар.

„Ова е најважното место на светот, тука децата ја учат основната разлика меѓу доброто и злото, ја развиваат својата фантазија, стануваат интерактивни со сцената и го развиваат својот социјален аспект по секоја претстава“ – истакна Димитров.

На роденденот на Театарот за деца и младинци присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која им се заблагодари на сите актери и вработени во институцијата кои се вложиле во нејзиниот развој.

„Театарот за деца и младинци е двигател на културниот живот во Македонија, кој има придонес и во едукација на младата популација. Се сеќаваме на многу претстави, како: „Девојчето со кибритчињата“, „Петар Пан“, „Македонска приказна“, „Могли“ и многу други. Особено ми е драго што со овој настан им се оддава почит на генерациите кои растеа и живееја со овој театар. Министерството за култура дава силна поддршка на Театарот за деца и младинци, издвоивме средства за реконструкција на оваа значајна институција, доделена и е опрема за сценската технологија, се подобрија условите, а имаше и голем број вработувања на актери, драматурзи и режисери “- изјави Канческа-Милевска.

Преку инсерти од некои од вкупно 59-те премиери колку што се поставени на сцената на Театарот за деца и младинци беше прикажан развојот во изминатите 26 години во кои Театарот имал повеќе од 300 000 посетители.

„Најважните луѓе во оваа наша уметност се децата. Децата што ќе ги испуштиме на оваа возраст, кога овде ги собира Театарот за деца и младинци, повеќе никогаш нема да можеме да ги вратиме во гледалиштето. За да можеме да успееме да ги собереме и додржиме, мора да сме точно вакви каков што е овој театар – динамични, интелигентни, креативни до немајкаде, ангажирани и фанатични “– рече театрологот проф. Јелена Лужина, која се осврна на историјатот на овој театар.

Театарот за деца и младинци прв по осамостојувањето на Македонија успешно излезе надвор од границите и се врати со награда – за претставата „Принцезата на зрно грашок“. Таа до денес е одиграна 261 пат и е најизведуваната претстава во историјата на овој театар. Најтрофејната претстава на ТДМ и втора по број на изведби (151 досега) е „Македонска приказна“.

Театарот за деца и младинци ја подготвува 60-тата премиера, а оваа година со поддршка од Министерството ќе има четири премиери. Театарот е носител и на голем број меѓународни награди. Неодамна се врати од фестивал во Измир, а има покани од Германија, Романија и Бугарија. Екипа од Театарот за деца и младинци работи на меѓународен проект финансиран со грант на ЕУ, во кој се вклучени и Словенија, Србија и Норвешка.

DSC_0005