Министерот Адеми се сретна со министерот за национално образование на Турција, Наби Авци

Во рамките на Самитот во Истанбул обезбедени се два проекти предвидени за Универзитет на Југоисточна Европа и за училиштата во Тетово.

Во рамките на Глобалниот образовен самит кој се одржа во Истанбул, министерот за образование и наука, м-р Абдилаќим Адеми оствари средба со министерот за национално образование на Република Турција, Наби Авци.

Министерот Адеми му се заблагодари за соработката и поддршката на турската Влада во областа на образованието, особено во подобрување на образовната инфраструктура во некои училишта.

Инвестициите кои се реализираат преку ТИКА се инвестиции кои се во согласност со барањата и приоритетите на МОН.

Министерот Адеми изрази интерес за проектите во областа на образованието во Турција, како што е проектот за модернизација на образованието и проектот за примена на информатичката технологија во образованието, каде што Република Турција успешно ги спроведува истите.

Министерот Наби Авци изрази подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент во образованието. Тој, исто така, истакна дека ќе ја поддржи Македонија со конкретни проекти со цел во иднина тие да се реализираат во различни форми.

Министерот Авци исто така го информираше Адеми дека во рамките на Амбасадата на Република Турција во Скопје ќе има и Аташе за образование кој што ќе биде мост меѓу двете земја и министерства.

За време на посетата, министерот Адеми се сретна и со министри од другите земји присутни на самитот. Тој исто така се сретна и со градоначалникот на Истанбул и со претставници на различни компании кои спроведуваат проекти од областа на образованието и технологијата во образование.

Во рамките на овие средби министерот Абдилаќим Адеми обезбеди два значајни проекти потребни за образованието и училиштата, односно опремување на лабораторија во рамките на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово за 3Д технологија и 100 паметни табели (Smart Board) за училиштата во Општина Тетово.