Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Софија, оствари работна средба со министерот за култура на Р. Бугарија Вежди Рашидов и со Андреа Рихтер директор на меѓународната фондација „Форум на словенски култури“. На средбата се разговараше за соработката во рамките на оваа еминентна организација чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивното промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
Директорката на форумот Рихтер на средбата истакна дека за време на мандатот на министерката Канческа-Милевска како претседател на Управниот одбор на оваа еминентна организација е направено многу, во насока на реализација на проекти, проектни активности и иницијативи. Во тој контекст беше спомената наградата ЖИВА за најдобар словенски музеј која за прв пат беше доделена во 2014 година во Скопје во рамките на свеченото одбележување на 10-годишниот јубилеј од основањето на Форумот, соработката меѓу архивите на словенските земји, долгорочниот проект „100 словенски романи“, одбележувањето на Денот на словенската култура во седиштето на УНЕСКО во Париз, како и одржувањето на музејскиот семинар кој би требало по 4 пат да се одржи оваа година во Македонија.
Министрите за култура на Македонија и на Бугарија, истакнаа дека членството во Форумот нуди многу можности за унапредување на заедничката соработка на словенските народи при реализацијата на проектите на оваа меѓународна фондација. Воедно беа разгледани и голем број иницијативи за обединување на авторите од словенските земји, соработка и поврзување на издавачките куќи од регионот.
На средбата двајцата министри уште еднаш потврдија дека и во иднина ќе дадат особен придонес во решавањето на заедничките предизвици на Форумот на словенските култури.