Коалицијата на невладини организациии „СЕГА“, Младински Совет Охрид и децата правобранители и овој месец продолжија со реализацијата на активностите, предвидени со проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија. Овој проект се спроведува веќе седма година, во ОУ „Братство Единство“ и во С.С.О.У „Свети Кирил и Методиј“.
Во тој контекст, во текот на изминатите триесет дена децата правобранители од двете гонреаведени училишта извршија презентации на Ревидираниот прирачник за дете правобранител, пред нивни соученици и пред наставниот кадар во основните училишта „Христо Узунов“ и „Свети Климент Охридски”, како и во О.Е.М.У.Ц „Свети Наум Охридски”. На презентациите, правобранителите им објаснуваа на присутните ученици дека тие треба да ги штитат своите права кои Конвенцијата ги регулура од раѓањето до 18-тата година од животот, меѓутоа и да се борат за нивно поголемо вклучување и ангажмна во процесот на донесување одлуки на училишно ниво, но и во активностите на ученичките заедници.
И овој месец, правобранителите присуствуваа на седница на Советот на Општина Охрид, каде што имаа директна можност да се запознаат со процесите на донесување одлуки за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните на Охрид.
Понатаму, децата правобранители вршеа и презентации на електронската пријава и на формуларот за прекршување на детските права и соученици оид нивните матични образовни центри, притоа објаснувајќи им дека тие како деца имаат право да пријават прекршување на некое нивно право кај нив како посредници меѓу учениците и наставниците.
На редовните состаноци со локалниот координатор, од нив произлегоа и повеќе иницијативи за подобрување на инфраструктурните услови во училишните објекти од кои тие доаѓаат, кои понатаму, во договор со раководните структури на двете установи, ќе бидат поднесени и како иницијативи од Општинскиот Совет.
Меѓу другото, се реализираа и повеќе активности поврзани со малите проектни грантови кои Коалицијата „СЕГА“ им ги додели на двете училишта. Во тие рамки, ученичката заедница при О.У „Братство Единство” во која се вклучени и децата правобранители, изработи креативни постери со пораки за детските права и за одржување на хигиената во училиштето, кои понатаму беа поставени во повеќе училници во објектот, како и џебни календари со истата содржина.
Исто така, активен придонес кон реалиџација на малиот грант дадоа и членовите на ученичката заедница при С.О.С.У „Свети Кирил и Методиј” кои одржаа повеќе работилници на тема „Здрави генерации, здрава иднина”, цртаа еко – хамери кои се поставени во училишниот ходник, а изработија и маички со натпис „I love ecology”, кои ќе бидат искористени од страна на еко патролата во училиштето.
И годинава продолжува интеркултурната размена на ученици во Троген, Швајцарија, на која што тие имаат можност да се запознаат со повеќе нови култури и традиции, да учат за детските права и за антидискриминацијата, да стекнуваат нови пријателства, меѓутоа и да подготват акциски планови, кои треба да ги имплементираат по нивното враќање оттаму.
Во моментов, на размената во Троген, присуствуваат осум ученици од средното економско училиште.
Освен во Охрид, проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето се спроведува и во 13 други училишта во Струга, Прилеп, Битола, Штип, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Куманово и Тетово, под покровителство на Швајцарската фондација „Pestalozzi”.